Муцунски ќе се сретне со Рубио, Македонија чека реакција од Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, ја нарече прв тест идната реакција на Бугарија на Акцискиот план за малцинствата што Македонија, како пакет со Преговарачката рамка, го поднесе во Брисел во рамките на преговорите за членство во Европската унија.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, ја нарече прв тест идната реакција на Бугарија на Акцискиот план за малцинствата што Македонија, како пакет со Преговарачката рамка, го поднесе во Брисел во рамките на преговорите за членство во Европската унија. Планот, според Мицкоски веќе е испратен во Брисел и сега треба да се види како на него ќе одговори бугарската страна. Содржината на Акцискиот план за малцинствата, кој се подготвува веќе со години, се крие од јавноста во нашата држава и практично за него нема никакви детали.

Според Мицкоски во подготовката на Акцискиот план бил вклучен и странски консултант, про боно, на предлог на Европската комисија, за да ни каже како треба да изгледа неговата содржина.

-Ова не е крај, порача двапати Мицкоски, мислејќи на напорите на Бугарија да ја блокира и натаму евроинтеграцијата на Македонија. Според него, втор тест ќе биде извештајот на Томас Вајц кој треба да биде на дневен ред во Комитетот за надворешни работи на ЕП во среда, а да биде изгласан во јули и во кој, според премиерот, барем на четири места треба да има реченица со која се споменува многувековниот посебен македонски идентитет. Според амандманите поднесени досега од бугарските пратеници, тој не беше оптимист околу нивното, како што рече, „проевропско однесување“, но очекуваше извештајот да биде изгласан со тој став бидејќи за тоа не е потребно едногласие туку мнозинство. За првпат во историјата, нагласи Мицкоски, ќе има ваков став на ЕП во извештај за Македонија, но резолуциите на ЕП имаат само политичко но не и правно значење, односно не се обврзувачки околу преговорите на Македонија со ЕУ.

Тој наедно потсети дека во Бугарија има Комитет во кој се вклучени претставници на малцинствата, но меѓу нив нема претставници на Македонците кои, како што рече, не заслужуваат да се најдат таму иако имаат 14 пресуди од Стразбур за кршење на нивните права, а Бугарите во Македонија заслужуваат да се најдат во Уставот.

На крајот на обраќањето во Собранието тој најави дека министерот Тимчо Муцунски, кој е во САД на прослава на годишнината од Дејтонскиот договор, за помалку од три часа ќе има средба со државниот секретар Марко Рубио.