Муцунски: Политиката да не се меша во работата на мешовитата историска комисија

Муцунски порача дека обврска и на двете страни (македонската и бугарската) е да носат заклучоци засновани на научни методи. Изјави дека има различни толкувања за одредени состојби, но дека членовите во комисијата, се оставени независно да дебатираат, без влијание и без временски рамки.

Историската комисија со Бугарија работи без притисоци – политиката нема право да се меша во академската слобода. Ова е ставот на шефот на дипломатијата Муцунски, по обвинувањата од Софија дека комисијата е во застој а македонските членови неподготвени.

Муцунски порача дека обврска и на двете страни (македонската и бугарската) е да носат заклучоци засновани на научни методи. Изјави дека има различни толкувања за одредени состојби, но дека членовите во комисијата, се оставени независно да дебатираат, без влијание и без временски рамки.

– Ниту имаме направено притисок, ниту имаме направено влијание. Нешто што за жал се случуваше во минатото. Затоа што имате сведоштва од членовите на комисијата во тоа време. Јас доколку навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Димитров, а верувајте ми, имам личен став, како човек, по однос на многу работи што тој ги кажа во последно време, тогаш веројатно ќе ја постигнам целта што тој ја посакува – да ја политизираме, изјави Тимчо Муцунски.

Пред два дена, првиот човек на бугарскиот тим Ангел Димитров изјави дека главната причина за како што кажа – стагнација во работата на комисијата, е политизација на македонските членови. Порача дека комисијата е алиби за комплицираните односи меѓу Скопје и Софија, а дека процесот е во застој како и целокупната состојба во Македонија.

– Причините за блокирање на работата на Комисијата е несакањето на нашите колеги, во овој случај, тие целосно ја следат политичката линија на државата и доктрината на македонизмот, да не се зборува дека има заедничка историја, изјави Ангел Димитров ко-претседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Работата на историската комисија не е реално шоу – дискусиите треба да се водат меѓу македонскиот и бугарскиот тим, а не преку изјави. Ова за ТВ 24 го порача Ванчо Ѓоргиев ко-претседателот од македонска страна. Според него на последните две средби, од македонска страна, биле доставени учебниците за Историја и општество за V, VI и VII одделениe и обратно – македонските членови ги имаат бугарските учебници. Порача и дека станува збор за нова реалност, а дискусијата меѓу членовите ќе се води според новите учебници.

Следното соочување на членовите е најавено за декември, на бугарски терен.