„Тоа што примарно го очекуваме вечерва е десетици илјади граѓани пред Владата да кажат премногу е, време е за промени“.
Ова за ТВ24 го изјави потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ – Тимчо Муцунски пред почетокот на Протестот за промени – Премногу е!
Муцунски нагласи дека во државата има легитимациска криза, ова Влада веќе нема политички легитимитет да владее, како и дека вечерва од протестот ќе се испратат голем број на пораки, а како причина зошто граѓаните ќе порачаат премногу е и време е за промени, е токму лошата економска политика, но и попусливоста на владата во однос на прашањето со бугарскиот сосед.
„Шест години влада предводена од СДСМ, ДУИ и други помали коалициони партнери каде што имаме постојани порази, дали е во делот на економската политика, каде што Македонија едно време беше лидер во делот на странските директни инвестиции, за сега да слушаме дека секој трет инвеститор сака да ја напушти земјата. Македонија своевремено беше на европски врв во делот на раст на БДП, а сега се наоѓаме на друг врв по најголема стапка на инфлација“ – рече Муцунски.
Муцунски е дециден и смета дека имаме владино раководство кое што не знае како соодветно да ги заштити македонските национални интереси, како и дека е премногу од порази на секое поле.
„За жал имаме владино раководство кое што не знае како соодветно да ги заштити нашите национални интереси. Не верувам дека од утре магично ова владејачко мнозинство ќе одлучи да даде предвремени парламентарни избори. Зошто е тоа така? Затоа што истото тоа мнозинство ја има тезата дека за четири месеци направиле повеќе од некои влади што направиле за четири години. Но, ние ги гледаме поразите на сите полиња, економијата, надворешната политика, образованието, здравството, нема област во кој што Македонија може да бележи напредок, а истовремено не гледаме и некој концепт дека ќе ни даде надеж дека во некоја следна година, две нешто позитивно ќе се случи. Но, верувам дека кога ќе видат масовност на граѓаните, со следните чекори кои што ќе ги преземе ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија наскоро ќе имаме предвремени парламентарни избори. И ќе дојде влада која што нема да сака да владее само заради власта, туку влада која што има план и во делот на економијата, социјалната политика, надворешната политика. Влада која што ќе знае да работи во интересите и за приоритетите примарно на граѓаните на Република Македонија“ – изјави Муцунски.