Нашиот пристапен пат во суштина ја штити политиката на проширување на Европската Унија, заснована на вредности и заслуги, со оглед дека ризикот од злоупотреба на нашиот случај од страна на анти-ЕУ факторите е голем.
Ова во рамки на работната посета на Будимпешта го изјави Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија во своето обраќање пред студентите и дипломатите од Унгарската дипломатска академија, осврнувајќи се на темата поврзана со евроинтеграциите на земјата.
„Министерот се осврна на долготрајниот и посветен процес за пристапување на нашата држава кон ЕУ. Посебно ја истакна непрекинатата повеќедецениска посветеност кон процесот, но и бројните големи отстапки кои македонското општество ги има направено на тој пат“, се вели во соопштението од кабинетот на Муцунски.
Според него, свесни за областите во кои постои потреба од дополнителна работа и подобрување на состојбите на нашата страна и е крајно потребна предвидливост во процесот.
Муцунски посочи на суштинската важност на добрите билатерални односи меѓу нашата земја и Република Унгарија, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи. Се заблагодари на досегашната поддршка на политички, економски и мултилатерален план.
„Иако односите се континуирано пријателски во следниот период очекувам нова динамика како резултат на заложбата на двата премиери за воспоставување на стратешка релација меѓу двете земји“, рече Муцунски.
Како што велат од неговиот кабинет, на средбата со студентите и дипломатите од Унгарската дипломатска академија се зборувало и за теми од областа на нелегалната миграција и безбедноста на границите, регионалната енергетска безбедност, очекувањата за идните чекори и ризици во придвижувањето кон ЕУ, а се размениле и мислења за актуелните состојби во Унгарија.