Муцунски од Блед: Проширувањето на ЕУ не смее да биде заложник на билатерални спорови

Проширувањето на Европската Унија не смее да биде заложник на билатерални спорови или прашања на идентитет. Ако тоа се дозволи, се ризикува не само застој на една земја, туку и губење на кредибилитетот на целиот процес, потенцира министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на работниот појадок со шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан и специјалните пратеници за проширување на ЕУ, одржан во рамки на Бледскиот стратешки форум.

Тој посочи дека Северна Македонија останува посветена на европскиот пат и активно работи на реформите и имплементацијата на Планот за раст на ЕУ, истовремено нагласувајќи дека процесот на проширување мора да биде заснован на заслуги и јасни критериуми.

Муцунски, како што соопшти МНРиНТ, ја истакна клучната улога на регионалната стабилност и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, оценувајќи дека сегашните глобални кризи уште повеќе ја зголемуваат потребата од европска кохезија.

– Во свет на војни, безбедносни закани и економски шокови, Европската Унија и Западен Балкан имаат потреба еден од друг повеќе од кога било досега. Нашата стабилност е европска стабилност. Нашиот напредок е европски напредок, нагласи Муцунски.

Притоа, тој го подвлече значењето на регионалната соработка и ја поздрави улогата на специјалните пратеници на ЕУ, оценувајќи дека нивниот ангажман е клучен за одржување на вниманието кон регионот и поттикнување на практични решенија.

– Веруваме во дијалог, веруваме во компромис кога тој е фер и взаемен – и пред сè, веруваме во визијата за обединета, стабилна и просперитетна Европа со Западен Балкан во нејзиното јадро, заклучи Муцунски.