Муцунски не сака „решение по секоја цена“ со Бугарија, се пофали со оценките за надворешната политика од ЕК

„Надворешната политика е највисоко позиционирана низ призмата на европските вредности, задржувајќи го стратешкото партнерство со САД,“ рече Муцунски.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека токму надворешната политика и регионалната соработка се највисоко оценети во новиот извештај на Европската комисија за земјата. Како клучни аргументи ги наведе високото ниво на усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и „историското партнерство“ во одбраната и безбедноста, одржано и во време на глобални потреси.

„Надворешната политика е највисоко позиционирана низ призмата на европските вредности, задржувајќи го стратешкото партнерство со САД,“ рече Муцунски.

Во делот на домашните обврски, министерот призна дека забелешките за владеење на правото мора да добијат практичен одговор и најави дека Владата „ќе направи сè“ за надминување на слабостите, очекувајќи соодветно постапување од правосудните институции. Паралелно, испрати повик до опозицијата за „национален консензус“ околу клучните државни прашања наместо, како што рече, „голи и нереални критики“.

Муцунски ја стави евроинтеграцијата во оперативна рамка: во тек е потпишување протокол што ќе донесе ослободување од роаминг – процес за кој очекува законските измени да завршат до крајот на годината, а граѓаните да го почувствуваат бенефитот во првата половина на 2026. За самитот за проширување во Брисел, организиран од Euronews, порача дека проширувањето денес се чита и како безбедносна унификација на Европа.

На прашањето за спорните точки со Бугарија, министерот одговори дека е нужно „кредибилно и одржливо решение“ за да има предвидливост во процесот – но не „по секоја цена“, бидејќи претходни отстапки, како што оцени, ја вратиле државата чекори назад.