Ние за жал последните години видовме како претседател не треба да има државата. Претседател – аналитичар, претседател кој ги кажува проблемите, но дали можеме да се сетиме на еден проект кој што тој го предводел, на еден предизвик, а многу предизвици има во државата, кој што тој го решил. Само кажуваше колку е лоша состојбата во државата, најпрактичен ни е последниот пример со состојбата со пасошите. Па потоа не можеа да се договорат со лидерот на неговата партија Ковачевски кој да се јави кај нашиот сосед Грција во обид да се реши проблемот и на крај никој не се јави и проблемот остана. Тоа е пример како не треба, вели Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната панел дискусија на тема „Претседател на народот, заштитник на сувереноста, Уставот и законите“.
Муцунски рече дека на денешната Конвенција ќе се понуди надеж и претседател кој ќе биде лидер на нацијата.
– Но, ние сме дојдени денес да понудиме надеж, да дадеме решенија. Да разговараме за претседател кој што треба да биде лидер на нацијата. Претседател кои што има широки надлежности во внатрешната политика, а уште пошироки надлежности во надворешната политика. Да претседател кој што ќе биде претседател на земја членка на НАТО, на земја која што посакува да стане полноправна членка на ЕУ. Но, претседател кој што ќе не води по тој пат со заштитен дигнитет и заштитени национални интереси, додаде тој.
Муцунски истакна дека треба да се избере активен претседател на државата кој што ќе се грижи за македонските национални малцинства кои живеат надвор од државата, односно како што рече тој не само претседател кој зборува за проблемите, туку претседател кој што помага и нуди решенија.
– Претседател кој ќе се грижи за македонските национални малцинства кои што живеат надвор од границата на нашата држава, прашања кои што е целосно запоставено. Претседател кој ќе се грижи за ширење на влијанието и знаењето на македонскиот јазик, како на катедрите кои ги има на странските универзитети, така и помеѓу македонската дијаспора. Претседател кој што ќе ги промовира македонските компании, тоа е тоа што ни недостасува, активен претседател. Претседател кој што не говори само за проблемите, туку претседател кој што ни помага и нуди решенија, изјави Муцунски.