
Муцунски: Моментот за проширување на ЕУ е сега, но за Македонија не по секоја цена
Литванскиот министер за надворешни работи Кестутуси Будрис денеска во Скопје изјави дека „сега е моментот за проширување“, но неговиот македонски домаќин, Тимчо Муцунски, потоа изјави дека за Македонија можеби баш и не е моментот. Тој, по кој знае кој пат, ги повтори истите зборови – дека Македонија е подготвена да продолжи по европскиот пат, но дека владата очекува јасни гаранции дека процесот ќе се одвива без нови блокади и со поголема предвидливост. Не е јасно кој треба да ги даде тие гаранции.
Литванскиот министер за надворешни работи Кестутуси Будрис денеска во Скопје изјави дека „сега е моментот за проширување“, но неговиот македонски домаќин, Тимчо Муцунски, потоа изјави дека за Македонија можеби баш и не е моментот. Тој, по кој знае кој пат, ги повтори истите зборови – дека Македонија е подготвена да продолжи по европскиот пат, но дека владата очекува јасни гаранции дека процесот ќе се одвива без нови блокади и со поголема предвидливост. Не е јасно кој треба да ги даде тие гаранции.
Муцунски беше прашан да ја коментира изјавата на Будрис за проширувањето и еве го неговиот одговор каков што го пренесува МИА. Јавноста треба да се потруди да разбере што сака да каже министерот Муцунски:
„Какви уверувања може да добие нашата држава, или гаранции, дека нема да се соочиме со перманентни блокади од една земја членка. Затоа што тоа што е очигледно и по однос на таканаречениот консензус од 2022 година, има различни толкувања што доаѓаат и од 26-те земји членки, европските институции и една земја членка. Пак ќе повторам, не дека ние како држава имаме отпор, свесни сме, и ние во сите наши изјави, ако мислите не само од мене, туку и од претседателката на државата, од претседателот на Владата, велиме дека ќе учествуваме во овој процес. Посебно по самитот во Тиват се чувствува енергија за придвижување веќе. Нема никаква дилема кај нас. Но ние нема да дозволиме да се реализира тој ризик, ние да ги направиме тие потези, повторно да имаме ваков тип на разговори, ваков тип на прес-конференции, каде што ќе бидеме во ситуација една земја членка да не биде коректна“.
Моментот за проширување на Европската унија е сега и треба да се искористи, порача литванскиот министер Будрис, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со Муцунски.
Будрис оцени дека постои јасна политичка волја за продолжување на процесот на проширување, но дека земјите-кандидати треба да ги исполнат преземените обврски, паралелно со надминување на политичките и билатералните предизвици.
„Ќе бидам многу јасен за ова. Ова е моментум што мора да се искористи. Сите разбираме дека проширувањето на ЕУ сега се води од геополитичка потреба. Главниот и огромен фактор зошто сме толку фокусирани е војната против Украина. Имаше пауза во процесот, постоеја суштински дискусии дали е потребно, дали сме подготвени или не, можеби ни е потребна институционална реформа во меѓувреме. Сега постои јасно геополитичко разбирање дека ни е потребно и дека мора да продолжиме“, рече тој.
Министерот мисли дијалогот со Бугарија треба да продолжи со поддршка од земјите‑членки и европските институции.
„Не сме лековерни. И не сме наивни да мислиме дека одеднаш ќе има од страна на Бугарија некаква голема промена на позиција која е прилично агресивна и радикална. Затоа треба да го искористиме следниот период да најдеме начин на дипломатско ниво да се намалат тензиите и да продолжиме да разговараме врз основа на вредности, врз основа на принципи“, рече тој.
Околу дипломатската нота поврзана со семејството на премиерот Христијан Мицкоски, Муцунски рече дека очекува истрагата да се направи, како што рече, „таму каде што најдобро знаат“. И дека тука од официјална гледна точка е затворена темата.
Муцунски и Будрис на заедничката прес-конференција изјавија дека билатералните односи се одлични и дека може да се унапредат во економската и трговската соработка. Било нагласено дека отворањето македонска амбасада во Вилнус претставува значаен чекор за унапредување на партнерството, а Литванија останува силен поддржувач на евроинтегративниот процес на земјата.