
Нема да примаме мигранти, ниту одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство – вели Муцунски
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски смета дека темата за прием на одбиени баратели на азил во земјава, шпекулативно ја отвориле медиуми од Обединетото Кралство, и тоа не само за Македонија. Таква дискусија и намера од нашата влада ниту имало ниту ќе има, вели Муцунски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски смета дека темата за прием на одбиени баратели на азил во земјава, шпекулативно ја отвориле медиуми од Обединетото Кралство, и тоа не само за Македонија.
Таква дискусија и намера од нашата влада ниту имало ниту ќе има, вели Муцунски во интервју за 360 степени на МТВ.
-Во ниту една форма, и легални и нелегални, вакви, такви, никакви мигранти нема да бидат примени во нашата држава врз основа на која било форма на договор со Обединетото Кралство…Ниту одбиени баратели за азил. Ниту ќе бидат во посебни… кажавме дека нема да има посебни центри, па видов опозицијата почна да шири хистерија – „да, нема да бидат во посебни центри, ќе бидат во станови“. Ни тоа, ни тоа нема да го има. Значи, никаков пакет поврзан со мигранти или одбиени баратели на азил нема оваа влада да склучи, ниту преговарала за такво нешто, ниту имала намера да преговара за такво нешто. Значи, се работи за целосно креирана лажна вест којашто на еден безобразен, штетен начин, се ширеше од главната опозициска партија во државата, нагласи министерот.
На прашањето дека појдовната основа за целата дебата била информација објавена во британски медиуми Муцунски посочува дека тоа не е спорно, но додава дека и покрај тоа што демантирале најповиканите во државата – претседателката, премиерот, министерот за надворешни и министерот за внатрешни работи, опозицијата сè уште ја шири таа паника.
На прашањето зошто првично не одговорила Владата на барањата на британските медиуми тој рече: „Тоа јас не знам дали одговорила или не одговорила во делот на комуникацијата, но јас ви кажувам, ние внатрешно се координиравме, заедно со тимот за односи со јавноста во Владата, видовме дека наеднаш добиваме повеќе прашања и без да се чека став од страна на Владата, се објавуваа повеќе текстови во медиумите во Обединетото Кралство и се одлучивме да го направиме одговорот на еден системски начин“.
Појасни дека акумулиралее информации за сите медиуми коишто поставилеа вакви прашања и потоа им пуштиле одговор.
-Еве и друго ќе ви кажам. Имаше и други медиуми коишто во меѓувреме поставија прашање следејќи ги написите во „Тајмс“ и во други медиуми. И потоа откако го добија одговорот од нашата институција, не објавија текст бидејќи сфатија дека очигледно се работи за дезинформација и за лажна вест. И мислам дека и тоа беше дел од наративот на опозицијата во државата. Сега тоа не можеме да го негираме. Се фаќаа за секое зборче, обидувајќи се да најдат дупка низ зборчето, за да најдат некој начин да ја потврдат тезата. И најдобриот одговор веројатно им го даде премиерот Мицкоски – ќе помине време, нагласи министерот.
Шефот на македонската дипломатија ја отфрла можноста некој внатре во Владата да испратил макар полусигнал до британските власти дека се подготвени на разговор на таа тема.
-Апсолутно е јасно кој во Владата има и кој во оваа држава има надлежност да дискутира по ова прашање. За тоа не треба да има никаква дилема. А нема потреба да се проверуваме, по мене, во рамките на Владата. Сите коишто сме учествувале во овој договорен аранжман со Обединетото Кралство, добро знаеме што сме дискутирале, добро знаеме кои биле темите коишто ние сме ги покривале во целокупниот овој договорен аранжман, и стратешкото партнерство и договорот ’влада со влада’. И тоа што можам да ви го кажам, и во самиот договорен аранжман којшто опфаќа два договори – Декларацијата за стратешко партнерство и договорот ’влада со влада’ – и двата документи се јавни, можете и вие да пристапите до нив, никаде нема спомнување на темата за прифаќање мигранти или прифаќање нелегални баратели на азил, вели Муцунски.
Категоричното „не“ од македонскиот државниот врв за прием на одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство, според него, нема да влијае на спроведувањето на најавените инфраструктурни проекти, како, на пример, оној за „брза пруга“.
Шефот на дипломатијата поосчува дека договорот „влада со влада“ кој С Македонија го потпиша со Велика Британија е комплексен по неговата содржина и има одредени аспекти каде што во моментот, товарот на исполнување на обврските повеќе лежи на наша страна. Сепак, додава Муцунски, сите институции во државата се максимално фокусирани на реализацијата и од гледна точка на поврзувањето, инфраструктурно и енергетско, брзата пруга ја вбројува во „топ 3“ проекти на коишто е фокусирана Владата.