
Муцунски гледа злонамерни актери во регионот, побара од Брисел да не интегрира што побргу
Муцунски ја дистанцираше сосема јасно Македонија од Русија и од Кина, порачувајќи дека „злонамерни актери настојуваат да ги нарушат демократските процеси во регионот“ и дека ЕУ и НАТO треба да одговорат на тоа – со целосна интеграција на земјите од Западен Балкан.
Министерот Тимчо Муцунски ја дистанцираше сосема јасно Македонија од Русија и од Кина, порачувајќи дека „злонамерни актери настојуваат да ги нарушат демократските процеси во регионот“ и дека ЕУ и НАТO треба да одговорат на тоа – со целосна интеграција на земјите од Западен Балкан.
„Во регионот на Западен Балкан сведочиме на засилени активности на злонамерни актери кои настојуваат да ги нарушат демократските процеси преку економски притисоци, политички влијанија и дезинформациски кампањи. Антизападните наративи кои се јавуваат во делови од регионот имаат за цел да ја ослабнат довербата во институциите и да го доведат во прашање европскиот и евроатлантскиот курс. Овие трендови бараат интензивна, долгорочна и координирана реакција и од НАТО и од Европската Унија. Нашето барање е обезбедување на долгорочна стратегија од НАТО и ЕУ за регионот, која ќе резултира со целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во структурите на НАТО и ЕУ“, порача Муцунски на регионалната конференција организирана од Фондацијата Конрад Аденауер и поддршка на Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел.
Како да ја зајакнеме евроатлантската безбедност во време кога ризиците се повисоки отколку во било која друго време на пресврт, беше дилемата на Муцунски, опишувајќи ги потоа како „ руски агресивен милитаризам, засилен со хибридни и кинетички закани насочени кон сојузниците, продолжената закана од тероризам, системски предизвик од подемот на Кина, како и хибридните операции и кибер-нападите“.
„Овие фактори не се само безбедносни предизвици, туку суштински дипломатски предизвик за зачувување на меѓународниот поредок заснован на правила .Војната во Украина е најсериозниот предизвик за европската и евроатлантската безбедност по Студената војна. Ревизионистичките цели на Москва, поддржани од нејзините овозможувачи бараат јасен, координиран и принципиелен одговор, заснован на единство и долгорочна стратешка усогласеност. Заедно со нашите сојузници, ги усогласуваме дипломатските, политичките и одбранбените напори за да обезбедиме одржлива и кредибилна поддршка за Украина, паралелно со охрабрување на напорите за праведен и траен мир. Овие два процеси не се спротивставени, напротив, тие се меѓусебно комплементарни. Ги поздравуваме напорите на САД и администрацијата на претседателот Трамп, како и на другите европски сојузници за изнаоѓање на процеси кои ќе донесат долгорочно мировно решение за Украина“, порача Муцунски.
Зборувајќи за Кина тој рече дека таа е долгорочен системски предизвик.
„Нивниот економски раст, технолошките амбиции, нетранспарентните воени капацитети и специфичните односи со Русија бараат внимателна проценка, координација и усогласена реакција во рамките на НАТО и Европската Унија. Градењето заедничка отпорност во енергетиката, критичните материјали и инфраструктурата стануваат клучна компонента на нашата колективна безбедност “, нагласи Муцунски.