Муртези: Формирањето академија на науките на Албанците е чувствително прашање

Имаме разбирање за ставот на нашите партнери, бидејќи прашањето за формирање албанска академија на науките е чувствително. Но, наша цел како „Вреди“ не е да им наштетиме политички на нашите коалициски партнери, туку да го спроведуваме тоа што сме го ветиле кај гласачите.

Ова денеска на прес-конференција го изјави Башким Муртези од коалицијата „Вреди“, посочувајќи дека нивните програмските заложби нема да ги приспособуваат заради личен комфор на Владата.

„Договорот за формирање на влада е јасен, за одредени прашања кои високо ја сензибилизираат едната јавност, како правичната застапеност во институциите за Албанците или прашањето за албанска академија за Македонците да се покренуваат иницијативи и да се обидеме да наоѓаме заеднички прифатливи решенија. Така функционира секоја демократска влада составена од партии со различни идеолошки определби“, рече тој.

Според него, формирањето албанска академија на науките е рефлексија на одредени негативни состојби во државата, поради што, како што додаде, во некои институции сè уште нема место за Албанците.

На новинарско прашање дали можеби ваквата иницијатива на „Вреди“ ги загрозува односите со коалициските партнери, Муртези вели дека нема никакви загрозување на односите во Владата.

„Секоја иницијатива која води во правец на подобрување на условите во државата, вклучувајќи го тука и академското делување на Албанците во Македонија, не претставува ризик за некое општество. Ние не отфрламе никаква иницијатива. Оваа иницијатива за формирање на академија на науките на Албанците во Македонија, рековме и во самото излагање дека ова е иницијатива, а решението ќе се најде заеднички со сите“, вели Муртези.

Нивната цел, според него, не е формирање паралелни институции, а за пример го посочи формирањето на Државниот тетовски универзитет.

„Ако гледаме во последните години наназад, секоја иницијатива можеби на прв поглед изгледаше дека е паралелна. Така беше и со формирањето на Тетовскиот универзитет, каде што имаше отпор во јавноста. Но, денес сме свесни и сведоци сме дека во тој универзитет студираат и Македонци, има и македонски професори. Така што нема поделба и нема паралелизам“, рече тој.