
Муртезани од Берлин: Пристапните преговори мора да бидат заштитени од билатерални условувања
Во контекст на актуелните предизвици на пристапниот процес, министерот Муртезани укажа дека процесот на проширување треба да остане заштитен од билатерални блокади и ревизионистички наративи, односно, дека е неопходно воспоставување ефективни европски механизми за воведување и мониторинг на европските стандарди и експертиза, особено во доменот на историските и билатерални прашања, со цел да се обезбеди правичност и предвидливост на патот кон членството.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, работната посета на Берлин ја започна со средба со државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Гинтер Крихбаум.
Муртезани му честиташе на министерот Крихбаум за неговото неодамнешно именување, посакувајќи му успех кој ќе се рефлектира позитивно не само на Германија, туку и на Европа и Западен Балкан.
Тој исто така изрази благодарност за континуираната германска поддршка и пријателство, подвлекувајќи ја важната улога на Германија во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, особено за принципиелниот пристап на Берлин во заштитата на европските вредности и одвојувањето на билатералните прашања од пристапниот процес, како што беше потврдено и за време на германското претседателство со Советот на ЕУ во 2020 година.
Во фокусот на разговорите беа прашањата поврзани со евроинтегративниот процес при што заеднички беше констатирано дека трансформативната моќ на европската интеграција може да се реализира единствено преку пристап базиран на заслуги, кој ќе овозможи јасна и опиплива перспектива за граѓаните на земјите-кандидати.
Муртезани нагласи дека европскиот проект не може да биде целосен без интеграцијата на Западниот Балкан и дека реформите, владеењето на правото и усогласувањето со европските вредности се услов без кој не може да се напредува, но и дека Унијата мора паралелно да обезбеди сопствена институционална подготвеност за проширување.
Министерот Муртезани ја поздрави германската поддршка за постепена интеграција на земјите-кандидати во ЕУ, со зачувување на критериумите и европските стандарди, но и со обезбедување конкретни придобивки за граѓаните уште во текот на пристапниот процес.
Во контекст на актуелните предизвици на пристапниот процес, министерот Муртезани укажа дека процесот на проширување треба да остане заштитен од билатерални блокади и ревизионистички наративи, односно, дека е неопходно воспоставување ефективни европски механизми за воведување и мониторинг на европските стандарди и експертиза, особено во доменот на историските и билатерални прашања, со цел да се обезбеди правичност и предвидливост на патот кон членството. Во таа насока, беше потенцирана важноста од зајакнување на европските инструменти за надзор, како гаранција за кредибилитетот на евроинтегративниот процес.