Муртезани на Самитот на лидери во Тирана: Патот кон ЕУ останува централна стратешка определба

Патот кон Европската Унија останува централна стратешка определба. Западен Балкан денес не зборува само за европска иднина, туку ја создава преку конкретни реформи, регионална соработка и споделени вредности, рече денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани на министерскиот состанок во Тирана што се одржа во рамки на Самитот на лидери за Планот за раст насловен „Нашиот пат кон ЕУ“.

Патот кон Европската Унија останува централна стратешка определба. Западен Балкан денес не зборува само за европска иднина, туку ја создава преку конкретни реформи, регионална соработка и споделени вредности, рече денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани на министерскиот состанок во Тирана што се одржа во рамки на Самитот на лидери за Планот за раст насловен „Нашиот пат кон ЕУ“.

Во своето обраќање Муртезани ја нагласи потребата од „конкретни резултати и практична интеграција што носи реални придобивки за граѓаните и економиите во регионот“. Тој го поздрави отворањето на сите преговарачки кластери на Албанија со ЕУ како важен поттик за целиот регион.

-Практичната димензија на нашата интеграција дополнително го зајакнува чувството на заедничка цел. Нашето приклучување кон СЕПА претставува едно од најзначајните постигнувања во изминатата година. Девет банки веќе извршуваат СЕПА-кредитни трансфери, овозможувајќи побрзи, поевтини и попредвидливи трансакции за граѓаните, компаниите и поширокиот финансиски систем. Ова усогласување ја зајакнува довербата и економската динамика, дополнително поврзувајќи ги нашите пазари со Европската економска област. Иницијативата WiFi4WB претставува дополнителна поврзаност. Со избрани шеесет и три општини и започнато спроведување, се подготвуваме да донесеме дигитални услуги, алатки за образование и туристички можности во заедниците кои мора да бидат дел од дигиталната транзиција на Европа. Модернизацијата на граничните премини во рамки на иницијативата „Зелени коридори“ исто така напредува, преку соработката со ЦЕФТА, Транспортната заедница и партнерите од Европската Унија. Северна Македонија е целосно посветена на надградбата на трите клучни гранични премини – Блаце, Деве Баир и Богородица, обезбедувајќи протокот на стоки да ги одразува современите стандарди и да придонесува за поинтегриран регионален пазар, истакна министерот.

 

На состанокот учествуваа министрите за европски прашања од Западен Балкан и главни преговарачи со ЕУ, високи претставници на Европската комисија, регионални организации како ЦЕФТА, Регионалниот совет за соработка, РЕСПА и претставници на финансиските институции ЕИБ, ЕБОР и Светска банка. Главна тема беше продлабочувањето на економската и институционалната интеграција на Западен Балкан во Единствениот пазар на Европската Унија преку клучните иницијативи од Планот за раст меѓу кои се „Роаминг како дома“, приклучувањето кон СЕПА, проектот WiFi4WB, Зелените коридори, Заедничкиот регионален пазар 2.0. и др.

Муртезани кој учествуваше на покана на државната министерка и главен преговарач на Република Албанија Мајлинда Дука, ги претстави постигнувањата на Македонија во дигиталната и економската трансформација меѓу кои се унапредувањето на законодавството за електронски комуникации, воспоставувањето на центарот за вештачка интелигенција „Везилка“, приклучувањето кон СЕПА-системот и напредокот во рамки на иницијативата WiFi4WB. Тој потенцира дека земјата бележи резултати во повеќе од 29 реформски чекори преку Инструментот за реформи и раст, вклучувајќи области како дигитализација, подобрување на деловната клима и управување со јавните финансии.

– Растот стана движечка сила што ја обликува нашата заедничка европска траекторија. Денешниот фокус на „Роаминг како дома“, Иницијативата за фабрики за вештачка интелигенција и Индустрискиот дијалог покажува дека интеграцијата започнува со конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Северна Македонија го зајакна својот правен и институционален рамковен систем за електронски комуникации и започна целосна правна анализа на недостатоците за навремено усогласување со правото на ЕУ за роаминг. Оваа работа не е далечна цел на Патоказот кон „Роаминг како дома“, туку опиплив, остварлив чекор за нашите граѓани. Паралелно, Иницијативата за фабрики за вештачка интелигенција силно одекнува со нашите национални напори. Преку „ВЕЗИЛКА“, нашиот нов центар за вештачка интелигенција, градиме јазични модели, дигитални корпуси и програми за обука што ја позиционираат Северна Македонија во поширокиот европски екосистем на вештачка интелигенција. Овие иницијативи не се изолирани. Тие се дел од еден регионален пресврт каде што иновацијата станува заеднички капитал, а Западен Балкан активно придонесува за технолошката иднина на Европа, истакна министерот.