
Муртезани за претседателството со ЕУСАИР: Историски момент за Северна Македонија
За Северна Македонија, ова е историски момент. Прв пат, од приклучувањето и кон Стратегијата и кон Иницијативата, ги преземаме претседателската улога и претседавањето. Оваа транзиција, која следува пет години по приклучувањето кон Стратегијата и седум години по вклучувањето во Иницијативата, претставува природен и заслужен чекор напред на патувањето обликувано од партнерство и истрајна посветеност, порача министерот за европски прашања Орхан Муртезани на церемонијата за примопредавање на претседателството со Стратегијата на ЕУ за Јадранско-Јонскиот регион (ЕУСАИР).
За Северна Македонија, ова е историски момент. Прв пат, од приклучувањето и кон Стратегијата и кон Иницијативата, ги преземаме претседателската улога и претседавањето. Оваа транзиција, која следува пет години по приклучувањето кон Стратегијата и седум години по вклучувањето во Иницијативата, претставува природен и заслужен чекор напред на патувањето обликувано од партнерство и истрајна посветеност, порача министерот за европски прашања Орхан Муртезани на церемонијата за примопредавање на претседателството со Стратегијата на ЕУ за Јадранско-Јонскиот регион (ЕУСАИР), јави дописничката на МИА од Атина.
Земјава го презеде претседавањето од домаќинот Грција на маргините на десеттиот годишен форум на ЕУСАИР, а министерот посебно се осврна на поврзувањето на регионот, како еден од приоритетите на претседателството.
– Во оваа улога влегуваме со целосна свесност за одговорноста што ја преземаме и со јасна посветеност да водиме на начин кој ги вклучува сите. Во нашата координација на Столб 2, Поврзување на регионот, ќе се фокусираме не само кон градење инфраструктура, туку и кон градење доверба. За нас, поврзаноста не се ограничува само на транспорт или технологија, туку претставува начин за приближување на амбицијата и можностите, порача Муртезани.
Се осврна и на Грција, велејќи дека „е широко препознаена не само како лулка на демократијата, туку и како држава што доследно ја поддржува европската траекторија на регионот“ и се осврна на Солунската агенда од 2003 година за ЕУ перспективата на Западен Балкан, а како што рече „оттогаш патот не беше без предизвици, но визијата поставена тогаш, сè уште продолжува да нè води“.
– Западен Балкан е регион чиј европски сон и понатаму е длабоко врежан во срцето. За нас, интеграцијата не е само поглавје од надворешната политика, туку приказна на една генерација. Стратегиите како ЕУСАИР не се само споредни рамки, туку клучни мостови што водат кон постигнување на таа цел. Ова примопредавање не е церемонија, туку продолжување – продолжување на заедничките напори, заедничките вредности и заедничката иднина. Им благодариме на нашите грчки пријатели за нивната улога во оформувањето на правецот што го следиме и ве покануваме сите вас да чекориме заедно во годината што претстои: со доверба, со амбиција и со единство, истакна министерот за европски прашања за време на церемонијата.
Дополнително, изрази благодарност до грчкото претседателство „за неговото посветено водство во изминатата година со фокус кон проширувањето, социјалната кохезија, еколошката отпорност и иновациите во сината економија“ и нагласи дека „претседателството даде јасна насока и обезбеди континуитет на Стратегијата“.
– Лидерството на Грција во овој период уште еднаш ја потврди вредноста на макрорегионалната соработка како платформа за усогласување не само на политики, туку и на заеднички приоритети, истакна министерот.
Претседателството на Северна Македонија со ЕУСАИР и Јадранско-јонската иницијатива започнува на 1 јуни 2025 година и ќе трае една година.