Мурињо го има најлошиот старт во неговата тренерска кариера
Рома има најлош старт во својата историја откако во Серија А за победа се доделуваат три бода, но истовремено, Жозе Мурињо никогаш претходно во кариерата немал волку слаб учинок како сега по шест одиграни рунди.
„Волчицата“ забележа само една победа и со три порази и две реми средби е на 16-то место на табелата, нешто што почна сериозно да ги загрижува фановите од италијанската престолнина.
Рома вчера се посрамоти на гостувањето во Џенова и загуби со 4:1, а по мечот, Мурињо говореше за загубената дефанзивна стабилност, која според него е последица на продажбата на Рожер Ибањез.
– Ова е најлош старт за Рома, но и за мене. Ова е најлош старт во мојата кариера, но исто така мислам дека Рома првпат во историјата играше две европски финалиња во низа, – изјави Мурињо во свој стил, па додаде.
– Ја загубивме дефанзивната стабилност која не красеше минатата сезона и тоа мора да го вратиме. Не сакам да кажам многу работи, но луѓето лани постојано ги потенцираа грешките на Рожер Ибањез на големите натпревари. Вистината е дека Ибањез правеше да бидеме неверојатно солидни во одбрана. Сега останавме и без Крис Смолинг, а добро знаете колку малку победуваме без него. Без такви играчи, нашата стабилност не е иста, – заклучи Жозе Мурињо.