Првиот човек на светскиот фудбал Џани Инфантино на еден месец до почетокот на фудбалскиот Мундијал објави дека тој ќе биде – најдобар на сите времиња.
СП во Катар ќе стартува на 20 ноември и ќе трае до 18 декември, а е прв Мундијал кој ќе се одржи во арапскиот свет, ама и во зимски период, иако во Катар температурите ќе бидат како да е летен шампионат.
„Јас секогаш кажував и верувам во тоа, а сега ќе повторам, СП во Катар ќе биде најдобриот Мундијал на сите времиња. Само погледнете какви се стадионите, тренинг-центрите, метрото, комплетната надворешна инфраструктура. Сè е подготвено и сите се добредојдени на фестивалот. Да бидам јасен, сите се добредојдени без оглед на потеклото, религиозната припадност, сексуалната ориентација, националноста, полот… И ова СП нема да испорача само фудбал на врвна инфраструктура, туку ќе остави наследство за кое ќе се прераскажува и ќе создаде сеќавања за цел живот“ – рече Инфантино.
Катар официјално не објави колку севкупно чини организацијата на СП, но светските медиуми дури објавија суми од 200 милијарди евра колку што Катар вложил комплетно во сè.