Директорот на Финансиската полиција – Арафат Муареми најави дека утре ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска од Обвинителството за гонење организиран криминал.
Муареми смета дека за време на нивниот претрес на Финансиската полиција сторена била злоупотреба на службената положба и фалсификување службени исправи.
Според Финансиската полиција, обвинителките до судот доставиле лажни податоци за да добијат налог за претрес, со што е прекршен Законот за кривична постапка.
Надзорот на Јавното обвинителство на овој случај утврдил дека од Обвинителството за организиран криминал се направени низа неправилности при извршената контрола во Финансиската полиција.
Обвинителката Вилма Русковска пред неколку дена се пожали на притисоци од владини именувани лица и побара помош од странските амбасади во земјава.
Русковска, по најавите за тужби од Муареми, истакна дека врз неа се врши притисок и предупреди дека ќе ги објави наодите за кои тврди дека ги има против Муареми.