Мрачни изгледи за светската економија
Изгледите за глобалната економија што ги презентираа шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева и претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас на отворањето на есенското заседание на ММФ и Светска банка се мрачни.
Постои висок ризик од глобална рецесија следната година, а економскиот раст во водечките европски земји забавува, изјави шефот на Светска банка, Малпас. Според него, мора да се сочека за да се види како ќе се развиваат работите во наредната година. Како и во која насока тоа би можело да влијае врз целокупната светска економска ситуација, прогнозираше шефицата на ММФ. Приближно една третина од глобалната економија, според прогнозите на Меѓународен монетарен фонд, во најмалку два последователни квартали веројатно ќе забележи негативен економски раст – што е формална дефиниција за рецесија. Тоа би имало драматични последици за наредните години.
Главните причини за овие драматични предвидувања се случувањата во изминатите неколку години, појасни Георгиева. Пандемијата на коронавирусот, инвазијата на Русија врз Украина и природните катастрофи предизвикани од климатските промени предизвикаа значителни последици за целиот свет.
Кај сите три најголеми светски економски сили забележлив е пад на економијата. Во Европа поради поскапувањето на енергијата. Во Кина поради пандемијата на коронавирусот и нарушувањето на синџирите на снабдување. И во САД, каде иако и натаму има силен пазар на труд, сепак строгата каматна политика на Централната банка на САД поради високата инфлација полека го намалува замавот, изјави шефицата на ММФ.