МП: Време е да тргнеме напред и да го поправиме угледот кај домашната и меѓународната јавност

Министерството за правда им го честита 31 март-денот на правосудството на сите судии, јавни обвинители, правобранители, адвокати, медијатори, нотари, извршители, и на сите вработени во судовите со надеж за понатамошни развој на унапредување на правната мисла и владеење на правото.

На 31 март 1945 година е донесена повелба на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решение на АСНОМ за создавање на Суд за судење на престапи против македонската национална чест со што се поставени темелите на судството во нашата држава.
Со повелбата се основани 25 околински судови, три обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола, и Врховен суд со седиште во Скопје.

„Реформите во правосудството се наш приоритет. Заедно, забрзано и со конкретни мерки да придонесеме да ја вратиме довербата на граѓаните во правосудниот систем и да го зголемиме интегритетот на носителите на функции.

Задоцнетата правда е негирање на правдата !

Време е да тргнеме напред и да го поправиме угледот кај домашната и меѓународната јавност.

Имаме заедничка мисија да градиме независен и непристрасен правосуден систем базиран на европските вредности за владеење на правото и да ја зголемиме ефиксаноста, етичноста и транспарентноста на судовите и обвинителствата“, стои во честитката по повод 31 март-Ден на македонското правосудство.