Синодот на МПЦ-ОА денеска ќе има координативна седница, на која ќе биде разгледана одлуката на СПЦ, која завчера прогласи канонско единство со МПЦ-ОА, што подразбира најширока можна автономија, но не и автокефалност.
На седницата се очекува да бидат разгледани сите прашања кои се појавија изминатите денови по одлуката на СПЦ и што тоа значи за нашата црква.
Јавноста очекува официјален одговор во однос на најавената литургија за помирување на архиепископот Стефан и српскиот патријарх Порфириј, за утре во храмот „Свети Сава“ во Белград, која веќе и официјално е најавена на страницата на СПЦ.
Литургијата би требало да почне во 9 часот, а ќе сослужуваат сите архиереи на двете цркви.
Соборот на СПЦ во одлуката, која ја донесе, наведува дека се „поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“. Со ова, според српски извори е „решен спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.
МПЦ-ОА во јавноста се уште не излезе со единствен став во однос на одлуката на СПЦ и за тоа дали таа е согласно претходната одлука на Вселенската патријаршија и води до автокефалност или пак претставува чекор назад.
Одлуката на соборот на СПЦ предизвика реакции во јавноста во насока дека таа е предавство за борбата за автокефалност на МПЦ-ОА и дека треба да се знае дека канонски статус на МПЦ-ОА е решен со одлуката на Вселенската Патријаршија и дека МПЦ-ОА, во периодот до конечно решавање на автокефалниот статус, останува во организационата структура како и досега како автокефална црква.