МПЦ денеска во 18 часот на протест

Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска во 18 часот пред Соборниот храм Св. Климент Охридски – Скопје организира сенароден собир.

Причината за протестот, како што велат од МПЦ-ОА се Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, кои според нив доколку се изгласаат би резултирало со остварување на нечии права, но сериозно би ги загрозило правата на мнозинствата, или, како што велат, на 99 проценти од населението од Македонија.

Епископот Јаков Стобиски, преку видео на ЈуТјуб страницата на МПЦ-ОА вчера уште еднаш ги повика верниците на собирот пред Соборниот храм.

Имаме должност да ја разобличиме лагата, силно и јасно да ја изговориме и исповедаме вистината но и да ги заштитиме и децата и семејството и да ја одбраниме слободата којашто не ни е дадена тукутака, но за неа не некој друг туку Христос има платено толку скапа цена. Премногу скапа за да станеме робови на луѓе, на некакви човечки идеологии спротивни на духот на Евангелието, рече викарниот епискот стобиски г. Јаков.

Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација повторно реагираше и испрати остра осуда на повикот за протест на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) и сметаат дека се прави со единствена цел да се направи јавен притисок кон повлекување на предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција од собраниска процедура.

Мешањето на Црквата во овие предлог-законски решенија со кои се продолжува вековната борба за еднаквост на жените во Македонија и се решаваат сегашните проблеми со неефективниот систем за унапредување на родовата еднаквост во земјава, не претставува ништо друго освен директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сѐ на жените во земјава и непрепознавање на нивните реални животни ситуации. Граѓаните и граѓанките на нашата земја треба да знаат дека со донесувањето на овие закони ќе се подобрат граѓанските права и ќе се унапреди еднаквоста на жените и на родово маргинализираните групи на сограѓани. Тоа се наши граѓани и граѓанки кои, за жал и спротивно на општото уверување, сѐ уште не можат да ги остварат своите фундаментални права подеднакво како и мнозинството граѓани, реагираат од Платформата за родова еднаквост.

Инаку, Законот за родова еднаквост воопшто не е во собраниска процедура, а законот за матична евиденција е предложен во редовна постапка и сѐ уште не е ставен на дневен ред во Собранието. Со законското решение за измени на матичната евиденција неколку пратенички од ДОМ и СДСМ предлагаат секој граѓанин со наполнети 18 години, кој е деловно способен, и кој не е во брак да има право на правно признавање на родот. Тоа би се правело со поднеување на барање што би се пополнило на нотар.