Москва ослободува двајца Американци осудени за шпионажа

Тројца американски државјани осудени на затворски казни во Русија, меѓу кои и Еван Гершкович, известувач на Волстрит журнал, треба да бидат ослободени денеска, како дел од договорот за размена на затвореници, потврди висок американски функционер.

Договорот според кој покрај Гершкович треба да бидат ослободени и американскиот поморски ветеран Пол Вилан и руско-американската радио новинарка Алса Курмашова, го договорила администрацијата на актуелниот американски претседател Џозеф Бајден.

Вкупно 24 затвореници во Русија, Америка, Германија и уште три западни земји ќе бидат вклучени во размената, која се очекува да се случи подоцна денеска.

Тоа ќе биде една од најголемите размена на затвореници меѓу Русија и Западот во историјата.

Осум руски државјани треба да бидат вратени во Русија, вклучително и оние за кои постои сомневање дека имаат врски со руската разузнавачка служба.

Еден од нив е Вадим Красиков, идентификуван од германските официјални лица како полковник на руската разузнавачка служба ФСБ, кој отслужува доживотна затворска казна за убиство на противник на Кремљ во 2019 година во парк во Берлин.

Според медиумите, Красиков веќе е во авион за Турција, а турската разузнавачка агенција вели дека ја презела водечката улога во размената.

Шпекулациите за голема размена меѓу различните земји значително се зголемија кога неколку дисиденти и новинари затворени во Русија беа преместени од затворските ќелии на непознати локации.

Владимир Кара-Мурза, противник на Кремљ со руско-британско државјанство, е еден од оние што многумина очекуваат да биде ослободен.

Друго потенцијално име е рускиот опозициски политичар Илја Јашин, а Олег Орлов, долгогодишен активист за човекови права, исто така може да биде на слобода.

Не е невообичаено Русија тајно да префрла затвореници од една во друга казнена колонија, но необично е неколку од нив наеднаш да „исчезнат“, односно да не знаат каде се.

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко во средата, на 31 јули, го помилува германскиот државјанин Рик Кригер, кој беше осуден на смрт за тероризам.