Наставата во средните училишта во Скопје, во кои во изминатиот период имаше дојави за бомби да продолжи, а училишните раководства да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштени часови, се посочува во соопштението на Министерството за образование и наука (МОН).
„Местото на учениците е во училишните клупи и секој прекин на наставата го попречува нивниот правилен развој. Затоа МОН во координација со МВР, локалните самоуправи, раководствата на училиштата и низа партнерски домашни и меѓународни организации континуирано работат на нивна заштита преку подигнување на безбедноста во училишните објекти“, се истакнува во дописот од МОН.
Првите дојави за поставени бомби во неколку средни училишта во Скопје беа испратени на 26 октомври. Тоа резултираше со прекин на наставата и евакуација на учениците и персоналот, како и детални проверки од единици на Министерството за внатрешни работи (МВР). Истрагите покажаа дека сите дојави досега беа лажни.