
Монасите-бунтовници исклучени од Синајскиот манастир Света Катерина
Манастирот повторно се врати во законитост и канонски ред, соопштил синајскиот архиепископот Дамианос и игумен на манастирот Света Катерина на Синај, откако имало нова тензија со групата монаси кои сакаа да го разрешат и кои сега веќе се исклучени од монашкото братство, јави дописничката на МИА од Атина.
Манастирот повторно се врати во законитост и канонски ред, соопштил синајскиот архиепископот Дамианос и игумен на манастирот Света Катерина на Синај, откако имало нова тензија со групата монаси кои сакаа да го разрешат и кои сега веќе се исклучени од монашкото братство, јави дописничката на МИА од Атина.
Медиумите во Грција го пренесуваат соопштението од архиепископот кој објаснува дека вчера попладне пристигнал во манастирот „со цел помирување и разговор со малата група бунтовни монаси“, кои организирале собрание без негово одобрение и без негово присуство, со намера да го изменат Правилникот за функционирање на манастирот.
-Бунтовните монаси ме нападнаа и ме навредуваа, како што тоа го направија и при моето последно доаѓање во манастирот. Монасите кои не учествуваа во бунтот со пожртвуваност ги бранеа мојата скромност и манастирот, а незаконските бунтовници ги избркаа надвор од ѕидовите на манастирот, пишува во соопштението од архиепископот.
Потоа било свикано Собрание со присутните монаси, а било избрано ново братство со што „манастирот повторно се врати во законитост и канонски ред“.
Како што објави МИА минатиот месец, синајскиот архиепископ Дамианос обвини за обид за негово разрешување од позицијата игумен на манастирот Света Катерина од група од околу десет монаси.
Весникот „Катимерини“ пишува дека вкупно единаесет монаси, кои ја потпишаа одлуката за суспендирање на архиепископот, од вчера попладне се вон манастирот и им била изречена казната екскомуникација.
Повикувајќи се на свои информации додава дека официјална Атина била информирана за сите случувања и ги следи внимателно.
– Извори запознаени со случајот споменуваат дека овие случувања создаваат поволна рамка за постигнување договор со египетската страна со цел решавање на отворените прашања што се појавија во врска со статусот на манастирот, пишува „Катимерини“.