Новиот министер за транспорт и врски Александар Николоски смета дека од следната сезона е возможно во Скопје да се воведе градски воз, односно да се искористи постојната железничка инфраструктура за градски превоз со возовите што беа набавени од Кина пред крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
-Можеме да размислуваме за воведување на таканаречен градски воз во рамки на градот Скопје. Постојната железничка инфраструктура во градот Скопје е релативно добра и ќе овозможи да се искористи и граѓаните за точно определено време да може да стигнуваат на пример од Драчево до Скопје. Тоа може да почне уште од следната сезона и може да се направи цел железнички прстен околу Скопје, особено со населбите од кои луѓето имаат сега сериозен проблем да дојдат до центарот на градот. На тој начин ќе можат брзо да дојдат до центарот и за тоа ќе можат да се искористат возовите кои се купија на крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, рече Николоски во интервју за ТВ Сител.