Пет месеци откако Стефанос Каселакис стана претседател на СИРИЗА, грчката опозициска партија можно е набргу да оди на нови избори за прв човек на партијата за, или да се потврди довербата за Каселакис или да се избере нов претседател, што доаѓа и поради внатрепартиските несогласувања и по реакцијата од поранешниот лидер Алексис Ципрас.
Од вчера се одржува четвртиот конгрес на СИРИЗА, а околу два часа пред почетокот и говорот на Каселакис, поранешниот лидер Алексис Ципрас излезе со писмена изјава преку социјалните мрежи, коментирајќи дека „партијата веќе подолго време е во континуирана и длабока криза“ и го повика актуелниот претседател да побара од членовите да му ја обноват довербата.
Каселакис, во говорот од конгресот одговори, порачувајќи дека партијата ќе оди на четирикратни избори: за организации на членови, за префектурите, за Централен комитет и за претседател.
– Најдете ми противник и одиме!, порача Каселакис.
Внатрепартиските изборни процедури во СИРИЗА се закажани за околу две седмици и останува отворено прашањето дали навистина ќе се одржи и избор на претседател, како и дали Каселакис ќе добие противник во трката за прв човек на партијата.
На 29 јуни минатата година, Ципрас се повлече од лидерската позиција, по што започна процесот за избор на нов претседател, а три месеци подоцна, на крајот на септември, Стефанос Каселакис, кој беше речиси непознат за грчката јавност, го презеде кормилото на партијата.
Веднаш потоа следеше и расцеп на партијата и заминување на неколку фракции, СИРИЗА од 47 пратеници избрани на изборите, остана со 36 со оглед на тоа дека 11, сега веќе поранешни пратеници, формираа независна пратеничка група во Парламентот.
Во пресрет на четвртиот партиски конгрес што од вчера до недела се одржува во Атина, Каселакис до членовите достави прашалник, а меѓу другото побара од нив да одговорат и на прашањата дали партијата треба да го промени името и симболот, што предизвика реакции во внатрешноста, што доведоа до вонреден состанок на политичкиот секретаријат и партијата стигна до точка да разговара за нови избори.