Могерини: Неодложно да започнат преговори со С. Македонија и Албанија!

„Во интерес на Европската Унија е неодложно да се започнат преговорите со С. Македонија и Албанија. После тоа процесот ќе биде долг и тоа ќе биде само почеток“.

Ова е ставот на поранешната висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија – Федерика Могерини во изјава за „БТВ“. Таа изразува надеж дека бугарското вето за С. Македонија наскоро ќе биде тргнато.

Според Могерини двете земји направиле се што се барало од нив за да можат да ги започнат преговорите за влез во ЕУ.

„Тоа создава голем проблем со довербата во процесот за проширување на ЕУ. Oткако Северна Македонија и Албанија беа принудени дa направат одредени отстапки за да ги започнат преговорите, а се уште ги немаат започнато, некои земји кандидати го поставија прашањето зошто воопшто тие тоа да го прават“ – нагласи Могерини.

Таа изјави дека не знае колку е силен надворешниот притисок врз Бугарија во однос на отстранувањето на ветото за С. Македонија, но се надева дека тоа ќе профункционира.