
Уставните измени се внатрешно прашање на РСМ. Никој од странство нема да се меша во овој процес, вклучително и Бугарија. Ниту е разговарано меѓу министрите Османи и Милков за вклучување на Бугарија во таквиот процес. Ваква реакција доаѓа од Министерството за надворешни работи, откако Милков на брифинг со новинарите кажал дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот на уставни измени во нашата држава.
„Министерството за надворешни работи информира дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Република Северна Македонија, која како обврска е поврзана со пристапните преговори за членство во Европската унија. Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на Северна Македонија, претставени во парламентот и во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија. Такво барање ниту е пристигнато, ниту е разговарано меѓу министрите Османи и Милков.
Северна Македонија останува посветена на продолжување на политичкиот дијалог со Бугарија, во духот на добрососедството и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, за што се надева на што поскоро формирање на новата бугарска Влада“, велат од МНР.