
МНР: Се чека на потврда на идентитетот за да се утврди дали македонски државјанин е меѓу тројцата убиени во Боливија
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се огласи по повод информациите во повеќето српски медиуми за тројно убиство во Боливија, во кое наводно еден од убиените е македонски државјанин. Од министерството напоменуваат дека македонската амбасада во Бразил е во постојан контакт со Амбасадата на Боливија во Бразилија.
„Во врска со објавите во српските медиуми поврзани со убиството на три лица во Боливија, од кои, според медиумските информации, се работи за двајца српски и еден македонски државјанин, Ве информираме дека Амбасадата на Република Северна Македонија во Бразил е во контакт со Амбасадата на Боливија во Бразилија.
За потврда на идентитетот на жртвите, се очекува завршување на обдукцијата, која сè уште е во тек.
По добивањето на официјална информација од боливиските власти за идентитетот на жртвите и околностите на настанот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дополнително ќе ја информира јавноста.“, велат од МНР.