Министерството за надворешни работи (МНР) нема намера да ја повлече или коригира едностраната изјава за македонскиот јазик, објаснуваат оттаму зашто првенствената цел е да се осигура употребата на чиста формулација за македонскиот јазик, без какви било објаснувања, додавки или фусноти, во документи на Советот на Европската Унија.
Во таа функција, со оваа изјава се соопштува нашата позиција, пропишана во Уставот за македонскиот јазик како службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи – велат од МНР.
Изјавата содржи делови од Уставот, Резолуцијата на Собранието и заклучоците од собраниската седница за информацијата за францускиот предлог, додаваат од Министерството.
Поради форматот на унилатералната изјава, даден е кус осврт поврзан со кодификацијата на литературниот македонски јазик и неговата заснованост на специфичниот развој на дијалектите кои се земени како основа за кодификацијата и кои биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија, а тоа се централните говори на западното македонско наречје односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес – Кичево. Поради ограничувањата поврзани со форматот и целта на унилатералната изјава, наведени се само неколку информации и податоци поврзани со јазичниот, просторен и временски континуитет на македонскиот јазик кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ како и неговото значајно место во славистиката и лингвистичката наука – велат од МНР.