
Бугарија со зголемена загриженост ги следи случувањата во Македонија поврзани со обидите за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјата, соопштија од бугарското Министерство за надворешни работи.
„На 16 март годинава Комисијата за употреба на лични имиња во Северна Македонија даде негативно мислење за употребата на името на Иван Михаилов од страна на здружението Центар за култура „Иван Михаилов“ – Битола.
Врз основа на ова решение, министерот за правда Кренар Лога потпишал решение со кое барањето за добивање одобрение за употреба на името Иван Михаилов е одбиено со причините наведени во мислењето на Комисијата.
Истовремено, Централниот регистар во Северна Македонија соопшти дека донел решение со кое е одбиено барањето за помирување за името на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид.
Одлуките што денеска ги донесоа властите во Северна Македонија се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вкучително и за оние кои се дефинираат како Бугари.
МНР потсетува дека во 2009 година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Северна Македонија за повреда на чл. 11 (право на здружување). Во одлуката на судот се наведува дека името на здружението „Радко“ (псевдоним на Иван Михаилов) само по себе не може да се земе како ризик и закана за јавниот ред“, соопштија од бугарското МНР.
Централниот регистар на Северна Македонија достави околу 17.000 невладини организации на разгледување до Министерството за правда. Во законскиот рок, негативни решенија за користење на имињата избрани од нивните основачи добија Здруженијата „Иван Михаилов-Битола и „Цар Борис III“ од Охрид.