
Брачниот пар од Македонија кој се уште се наоѓа во појасот Газа е сместен во болница и во моментов е на безбедно, информираше Македонското министерството за надворешни работи. Велат дека се во постојана комуникација и дека се прават напори тие да бидат евакуирани во првата можна ситуација.
Во меѓувреме Израел продолжува да ја ракетира Газа од море и од воздух додека истовремено го држи отворен коридорот за евакуација на цивили јужно од појасот. Хамас возвраќа со ракети.
Израелската војска соопшти дека милитантите на Хамас им забрануваат на цивилите да го напуштат регионот во пресрет на најавената копнена офанзива.
Во меѓувреме, бројни меѓународни организации предупредуваат дека Газа е на работ на хуманитарна катастрофа, оставена цела недела без храна, вода и електрична енергија под перманентни напади. Светската здравствена организација предупреди дека повикот на Израел за евакуација може да биде смртна казна за пациентите. Болниците во појасот Газа одамна немаат слободен кревет.
Кинескиот шеф на дипломатијата го обвини Израел дека неговите акции во Газа веќе не може да се сметаат за самоодбрана, во истиот момент кога САД позиционираше и втор носач на авиони во Медитеранот. Бртанскиот шеф на дипломатијата го повика Израел да ги заштити животите на цивилите
Западот стравува од инволвирање на Иран во воените дејствија. Официјален Париз го повика Техеран да се држи настрана од војната истовремено кога Хезболах истрела проектил на израелска територија по што Израел го затвори граничниот премин со Либан, распореди дополнителни воени контингенти и ги прекина врските за комуникација.
Според неофицијални информации има повеќе од 4.000 жртви и на двете страни од почетокот на конфликтот а повеќе од 15.000 луѓе се повредени.