Откако шефот на дипломатијата Бујар Османи на брифинг со новинарите соопшти дека е отповикан амбасадорот на Северна Македонија во Чешка, Сашко Тодоровски, Министерството за надворешни работи (МНР) преку соопштение наведе листа прекршоци за кои тврди дека биле направени од страна на отповиканиот амбасадор.
Сите прекршоци, тврди МНР, со материјални докази и прецизни констатации се дел од извештајот што го изготвила надлежна комисија, а врз основа на кои Владата донела одлука да го отповика амбасадорот.
Едни од нив, според МНР се во што биле склучувани договори за санирање на амбасадата без согласност од Министерството, како и ангажирање на локален персонал спротивно на актите.
„Во рамките на материјалното финансиско работење, при активностите за санирање на објектот на амбасадата, не се испочитувани внатрешните процедури и склучени се договори без согласност на Министерството; по истите Договори подоцна исплатени се финансиски средства без материјално покритие за истите“;
„Без согласност од МНР амбасадорот ангажирал локален персонал и склучил договори за ангажман на локален персонал, што е спротивно на интерните акти на МНР, поточно член 9 и член 10 од Правилникот за ангажирање локален персонал и спроведување практична работа на студенти во ДКП“, – велат од МНР.
Понатаму, се тврди дека без соодветна одлука, Тодоровски ја претставувал сопругата за „аташе за наука“ на Република Северна Македонија иако таа го нема добиено тоа дипломатско звање. Со тоа, наведува МНР, прекршени биле сите правила и надминати се ингеренциите кои амбасадорот ги имал, а биле доведени во заблуда и претставници на научните и образовните институции во Чешка. Сопруга на амбасадорот Тодоровски е професорката Мирјана Најчевска.
Исто така, МНР забележува и дека без да најави не присуствувал на испраќање на премиерот кога бил во посета на Чешка.
„Ги прекршил правилата на добрата дипломатска практика, и без да најави, не присуствувал на испраќањето на Претседателот на Владата сосе неговата придружна делегација за време на посетата на земјата на покривање, оставајќи непријатен впечаток пред дипломатските претставници на земјата – домаќин“; – велат од МНР.
Амбасадорот бил повикан и на консултација во Скопје за да објасни дел од прекршувањата што биле констатирани, а од Министерството велат дека иако ја напуштил земјата на покривање (Чешка), тој без дозвола ја напуштил и Северна Македонија и подоцна пријавил дека отишол на одмор, за што била потребна посебна дозвола.
Сашко Тодоровски беше именуван за амбасадор во Прага, Чешка, на почетокот на 2021 година, заедно со уште седуммина негови колеги, откако беа завршени процедурите за нивно именување. Указот за поставување на Тодоровски на должноста вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Чешката Република, со седиште во Прага, е објавен во „Службен весник“ на 17 февруари 2021 година.
Како што може да се види од неговата биографија на интернет-страницата на МНР, пред именувањето за амбасадор во Чешка, Тодоровски извршувал повеќе раководни функции во Министерството за надворешни работи.
Тодоровски во еден период беше и претседател на Синдикатот на македонската дипломатска служба.
Деновиве опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со неколку имиња, за кои од партијата тврдат дека се нови амбасадори, кои добиле амин на владината седница одржана на 25 април. Меѓу нив партијата го спомена поранешниот министер за правда Никола Тупанчески, ексградоначалникот на Центар и заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски…
Таму се најде и името на директорот на Државниот архив, Емил Крстевски, наводно аминуван од Владата за амбасадор во Прага.
Од Министерството за надворешни работи (МНР) веднаш излегоа со реакција во која посочија дека постапките за именување се тајни додека не се добие агреман од државата каде што се праќа амбасадор, а опозициската партија со шпекулациите прави дипломатски скандал.