До овој момент, нема македонски државјани кои се обратиле за помош или евакуација од Либан, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
– Поради влошенaта безбедносна ситуација во Либан, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија во неколку наврати ги повика сите наши државјани кои се наоѓаат во оваа држава, да ја напуштат во прва можна прилика и апелираше да се одложат сите патувања кон оваа држава, кои не се неопходни – посочуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека Министерството ги ставило сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани преку 24 часовниот СОС дежурен телефон на Министерството за надворешни работи +389 75 268 736 (мејл адреса: globalsos@mfa.gov.mk).
– До овој момент нема наши државјани кои се обратиле до Министерството за помош или евакуација, ниту е пристигнато известување дека има наши државјани кои се наоѓаат во земјата – наведуваат од Министерството.
Во меѓувреме, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за попладнево закажа вонреден онлајн состанок на шефовите за дипломатии на членките на Унијата со единствена точка на дневниот ред – актуелната состојба во Либан.