Мнозинство уставни судии ги спори измените на Кривичниот закон, но…

Единствена со спротивно мислење е судијата-известителка Елизабета Дуковска. Таа, која го држи предметот од 2023 година, и натаму смета дека Уставниот суд не треба да поведе постапка против измените на Кривичниот законик со кои се застареа коруптивните дела на поранешни високи функционери, обвинети доминантно од поранешното СЈО.

Уставниот суд денеска расправаше за иницијативата за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година кои вклучуваа намалување на казните за функционерите, што предизвика реакции и спротивставени мислења за уставноста на законот. Мнозинството од судиите сметаат дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен и има далекусежни последици, но дел од нив тврдеа дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.

Единствена со спротивно мислење е судијата-известителка Елизабета Дуковска. Таа, која го држи предметот од 2023 година, и натаму смета дека Уставниот суд не треба да поведе постапка против измените на Кривичниот законик со кои се застареа коруптивните дела на поранешни високи функционери, обвинети доминантно од поранешното СЈО.

Таа посочи дека наводите на подносителот се неосновани и предложи судот да ја отфрли иницијативата.

Нагласи дека и таа како граѓанин има свое мислење за штетноста на измените, меѓутоа, како што рече „кога ќе влезам и ќе ја облечам тогата постапувам како уставен судија и мојата оценка на уставноста на одреден закон е во согласност со Уставот“.

Судијката Ана Павлова Данева се спротивстави на Законот за измена на КЗ, опишувајќи го како штетен за правниот поредок на државата. Според неа, измените се лоша, непринципиелна казнена политика, закон кој е и од формално правен и од материјално правен аспект неуставен.

– Вториот аргумент зошто сметам дека мора да се поведе постапка е фактот дека ние никако не може да тврдиме дека Уставниот суд не е надлежен да цени постапка на донесување на закон во собранието бидејќи самата таа постапка е формална уставност на еден закон, рече таа.

Судијата Осман Кадриу, исто така, истакна дека постои сериозна повреда на уставноста.

– Со измените, на сторителите на овие кривични дела е дадена скриена амнестија. Тогаш се поставува прашањето, ако овие сторители кои се носители на јавните функции ги помилуваме, како тогаш треба даде постави спрема другите осудени лица и за обични кривични дела, рече тој.

Дополни дека со донесување на измените на КЗ, и така утврдената казнена политика за кривични дела сторени од носители на јавни функции се поткопуваат правните темели на уставниот поредок на земјата до степен на негово распаѓање.

– Во правниот систем на земјата е извршена правна анархија, заробено е правото, правото е во правна криза. Во прашање е правна хаварија, овој закон вака како што е донесен и со овие катастрофални последици е антитеза и спротивен со мерките што ги презема државата за борбата против криминалот и корупцијата, дополни Кадриу.

Беше концизен дека предлогот да не се поведе постапка за измените на КЗ не треба да се прифати, односно, како што рече, судот треба да се одважи да донесе правилна одлука имајќи ги предвид последиците што ги создаде и ги создава овој закон.

Според него, неприфатливо е закон што е штетен, да биде уставен и доколку одлучат да поведат постапка ќе претставува чекор напред.

Судијката Јадранка Дабиќ Анастасовска ја поддржа аргументацијата на Кадриу, нагласувајќи дека измените ги поткопуваат правните темели на уставниот поредок на земјата. Додека, за судијата Фатмир Скендер во случајот нема никаква повреда на одредбите на Уставот.

Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, изрази дијаметрално спротивно гледиште од наводите од рефератот.

Според него, овој закон во целина е толку штетен што има направено непоправлива штета.

– Каква и да е нашата одлука, се сомневам дека штетите може да се поправат. Собранието го повреди политичкиот плурализам. Овој закон не е ништо друго освен покажување на моќ, ароганција. Работата на пратениците е да ги застапуваат интересите на граѓаните, кои во овој случај не се еднакви. Измените имале некаква цел, но тоа не е таа што ја бараат граѓаните, рече Костадиновски.

Судијата Добрила Кацарска потсети на нејзината изјава кога беа донесени измените дека како граѓанин, како што рече, воопшто не се согласува со вакви измени на КЗ. Според неа, постоел некаков договор помеѓу пратениците. Но, како што посочи, не смета дека Уставниот суд е оној кој треба да каже какви треба да бидат казните.

– Како судија на Уставен суд сметам дека не сум јас таа што треба да каже какви треба да бидат казните, дали Собранието ќе ги зголеми или ќе ги намали. Како е донесен овој закон, дали со европско знаменце, не е надлежност на Уставниот суд, за жал, рече таа.

Во однос на наводите дека е направена ненадоместлива штета, посочи дека вината не треба да ја бараме кај пратениците, туку, како што рече, вината е кај судиите кои дозволуваа постапките да траат пет-шест години.

Судија Татјана Васиќ Бозаџиева посочи дека измените на КЗ поттикнаа сомнеж и се создаде впечаток дека има селективна правда.

– Самата постапка која исклучува експертска јавност отворија сомнеж во намерите на законодавецот зошто без да отвори широка дискусија тој измените ги донесе во многу кратка процедура со исклучување на експертската јавност. Доколку одлучиме да се поништи, треба да размислуваме и во која насока, рече таа.

Во однос на рефератот рече дека е занаетчиски изработен но, посочи дека Уставниот суд е оној кој треба да ја оценува формалната страна на законите

– Сметам дека Уставниот суд е контролор на сите три гранки на власта, на нивното работење и дека во таа улога навистина некој треба да ја оценува формалната страна, односно постапките низ кои се донесуваат законите. Сакам да го видам Уставниот суд во таква улога. Немам никакви дилеми дека законот е штетен, рече таа.

Судија Насер Ајдари посочи дека и според него, законот е штетен и донесен е во постапка која не доликува, но, дополни дека не е во нивната надлежност да го оценуваат начинот на донесување.

– Судската пракса во тој дел вели дека не е во наш домен да го оценуваме начинот на донесувањето на законите, рече тој.

Дискусијата продолжи со аргументација за нивните мислења за доменот на нивното дејствување како и за можните последици и решенија доколку се одлучи да се поведе постапка.

Гласањето по однос на иницијативата е предвидено по завршувањето на расправата по останатите точки од денешната седница.

На 6 септември 2023 година, Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа реакции во јавноста, правната фела и Европската комисија.

Извор: Фокус