Мнозинства по потреба – нова политичка реалност во Европскиот парламент

Во Европскиот парламент паралелно егзистираат две функционални мнозинства – првото, веќе традиционалното т.н. „проевропско“ мнозинство на ЕПП, СД и РЕ плус Зелените и второто, т.н. „десничарско“ мнозинство на ЕПП со Патриотите за Европа (ПФЕ), Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) и групата Европа на суверените нации (ЕСН).

По изборите за членови на Европскиот парламент во јуни минатата година, првата оценка беше дека и покрај значителниот подем на десницата и екстремната десница, мнозинството во претставничкото тело на ЕУ го задржа „политичкиот центар“, што го формираат Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), на кои многу често им се приклучуваат и Зелените.

Но, неполна година и половина подоцна реалноста покажува дека зависно од потребите во Европскиот парламент паралелно егзистираат две функционални мнозинства – првото, веќе традиционалното т.н. „проевропско“ мнозинство на ЕПП, СД и РЕ плус Зелените и второто, т.н. „десничарско“ мнозинство на ЕПП со Патриотите за Европа (ПФЕ), Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) и групата Европа на суверените нации (ЕСН).

Дека е тоа така прифаќаат најголемиот дел од европратениците, а од оваа нова реалност во ЕП повеќе не се оградуваат ниту лидерите на Парламентот и на пратеничките групи.

Клучниот лост на ова „двојно“ мнозинство е десно центристичката ЕПП, која ги обединува европските демохристијански, либерално-конзервативни и конзервативни партии, предводени од германската Христијанско демократска унија (ЦДУ), шпанската Народна партија (ПП) и полската Граѓанска коалиција (КО).

ЕПП како најголема група во Парламентот го користи новиот сооднос на силите во Парламентот за да ги протурка своите предлози со обезбедување премолчана поддршка од партиите на десницата или со користење на таквата можност како средство за заплашување и притисок на социјалдемократите и либералите за да ги прифатат нивните барања.

Тоа најдобро е видливо во случајот на предложениот „омнибус“ за поедноставување на Еврокомисијата во делот на обврските на компаниите поврзани со целите за климатска неутралност, на кој ЕПП предложи сопствени амандмани, заобиколувајќи ја праксата на претходни консултации со партнерите од „проевропското“ мнозинство. Овие амандмани според својата содржина изгледаат како да се изработени за да добијат поддршка од партиите на десницата, екстремната десница и десното крило на либералите, но се во спротивност со заложбите на мнозинството социјалдемократи и зелените за реализирање на целите предвидени со Зелениот договор.

Во почетокот социјалдемократите жестоко реагираа на ваквото однесување на ЕПП, обвинувајќи ја партијата, и пред се нејзиниот лидер Манфред Вебер, за „флертување“ со десницата, но сега веќе се добива впечаток дека „легнаа на брашното“ и се прилагодија на новата парламентарна реалност. Така наместо да креваат врева дека партиите од десниот центар се здружуваат со десницата, сега се трудат да ја искористат секоја можност да се здружат со ЕПП за остварување на некои свои заложби.

Последен пример за тоа е заедничкото писмо на СД со ЕПП, либералите и Зелените упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое четирите групи се закануваат дека ќе ги блокираат преговорите за следната Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, доколку во неа не бидат извршени значајни промени.

Некои аналитичари во Брисел, ваквото прилагодување на социјалдемократите го поврзуваат со истекот на мандатот на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и нејзините амбиции да биде реизбрана на функцијата.

Согласно законодавството на ЕУ, претседателот на ЕП се бира за мандат од 2,5 години. Мецола првично беше избрана на функцијата во јануари 2022 година на половина од мандатот на претходниот парламентарен состав и потоа беше реизбрана по ланските избори со мандат до јануари 2027.

Досега постоеше непишано правило раководењето со ЕП во неговиот петгодишен мандат да го „делат“ ЕПП и социјалдемократите. Но, овој пат, во услови кога позициите на социјалдемократите се ослабени, ЕПП пројавува амбиции да го задржи претседателското место до 2029 година и Мецола да биде избрана и за трет мандат. Доколку се случи тоа, Мецола ќе биде првиот претседател на Европарламентот во историјата што би ја извршувал функцијата во три мандати.

Во сегашниот состав ЕПП би можела да го обезбеди реизборот на Мецола и со поддршка на партиите од десницата и екстремната десница и веројатно на дел од либералите.

Социјалдемократите го знаат ова и постојат назнаки дека се подготвени на договор со ЕПП, кој би предвидувал тие да не се противат на реизборот на Мецола, па дури и да го поддржат, но за возврат Антонио Кошта, кој е од нивните редови, да остане на функцијата претседател на Европскиот совет во уште еден мандат, до 2029 година.

Останувањето на Кошта на функцијата е посебно важно за социјалдемократите во ситуација кога во моментов во 27-члениот Европски совет имаат само три нивни члена – данската премиерка Мете Фредериксен, малтешкиот премиер Роберт Абела и шпанскиот премиер Педро Санчез.

Дека ваквиот „дил“ меѓу ЕПП и СД е многу веројатен говори и фактот што Мецола неодамна ја одби функцијата лидерка на нејзината матична малтешка Националистичка партија (ПН), покажувајќи дека нејзините амбиции првенствено се на европско, а не на национално ниво. Во тој контекст се споменува дека Мецола дури би можела да биде кандидатка на ЕПП за наследничка на Фон дер Лајен на чело на Европската комисија во 2029 година.

Но, и покрај поместувањата во Европарламентот, се проценува дека најголемиот дел од предложените законодавни акти на Европската комисија во сегашниот состав сепак „ќе поминат“ со поддршка на центристичко мнозинство. Исклучок, би можеле да бидат регулативите поврзани за миграцијата, зелената политика и социјалните прашања за чие усвојување ЕПП би можела да „се потпре“ на десниот спектар во Европскиот парламент.