На финалниот настан на младинскиот предизвик Генерација без граници- Технологија за планетата избрани се два тима, млади иноватори, кои ќе нè претставуваат на глобалниот предизвик Генерација без граници 2022.
Пет тима составени од млади на возраст од 16 до 24 години ги презентираа своите идеи за справување со климатските промени преку користење на дигитални технологии.
Согласно презентациите и оценките на стручното жири, за победници беа избрани тимовите Bio Techno Logic и Green Hot Chili Peppers.
Младинскиот предизвик се реализира преку партнерство наУНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија. Оваа година предизвикот го спроведе Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21.
Идеите на младите ќе придонесат за заштита на животната средина, како на национално, така и на глобално ниво. Тимот на Bio Techno Logic создаде автоматизирана и дигитална корпа за органски отпад, која во својата крајна фаза ќе произведува природен биохумус. Од друга страна, тимот на Green Hot Chili Peppers имаат идеја за заштита на животната средина преку изработка на посебна корпа, која самостојно го селектира отпадот и притоа произведува електрична енергија.
Како резултат на иновативните идеи, стручното жири одлучи да награди уште еден тим, со парична награда од 2.500 евра (за унапредување на идејата) и менторска поддршка. Имајќи предвид дека модната индустрија е одговорна за 10 отсто од глобалната емисија на CO2, Oh Swapp Team планираат изработка на мобилна апликација за размена на облека и книги.
На денешниот завршен настан од предизвикот, пред младите се обрати и претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани. Таа истакна: “Среќни сме што создаваме можности за да развивате идеи за справување со можеби најголемата закана за нашата иднина – климатските промени. Продолжете да верувате во себе и во своите идеи, продолжете да барате одговори и решенија за проблемите што сакате да ги снема. Сите големи иновации започнуваат како идеја и подготвеност за дејствување и јас сум горда што го гледам тоа кај вас денес.“