Младите денес: Автентична борба, не копија на Петти октомври

Протестите во Србија, кои траат веќе 11 месеци, често се споредуваат со демонстрациите од 5 октомври 2000 година, кои доведоа до падот на Слободан Милошевиќ. Но студентката на Електротехничкиот факултет во Белград, Ања Деспотовиќ, вели: „Општиот став меѓу студентите е дека ние не се обидуваме да го повториме тоа. Водиме автентична борба и имаме јасни цели кон кои сме обединети“.

Дојче Веле

Протестите во Србија, кои траат веќе 11 месеци, често се споредуваат со демонстрациите од 5 октомври 2000 година, кои доведоа до падот на Слободан Милошевиќ. Но студентката на Електротехничкиот факултет во Белград, Ања Деспотовиќ, вели: „Општиот став меѓу студентите е дека ние не се обидуваме да го повториме тоа. Водиме автентична борба и имаме јасни цели кон кои сме обединети.“

Деспотовиќ, која е задолжена за соработка со медиумите во рамки на блокадите, потсетува за Дојче веле: „Петти октомври се случи по изборите на 24 септември. Постоеше конкретна политичка причина тој да се случи“.

Нејзиниот колега, Петар Гардовиќ од Факултетот за политички науки, смета дека Петти октомври „дефинитивно беше голема победа на народот“.

„За тој настан слушнав првпат кога имав десетина години. Секогаш кога имаше некакви протести, се спомнуваше Петти октомври како пример за успех. Мислам дека и ние сме сега многу блиску до тоа — само треба да останеме истрајни“, вели Гардовиќ.

Младите сакаат да бидат дел од решението

Вредностите што беа клучни пред 25 години – слобода, правда, одговорност и граѓанска солидарност – остануваат подеднакво важни и денес, вели за Дојче веле Милица Борјаниќ, генерален секретар на Кровната организација на младите на Србија (КОМС).

Според т.н. „Алтернативен извештај“ што го подготви КОМС, дури 95 проценти од младите во Србија ги поддржуваат студентите, што покажува висока идентификација со студентското движење.

„Младите денес живеат во формално демократско општество, но чувствуваат дека системот е обезвреднет. Повеќе од 90 проценти сметаат дека изборите не се фер и чесни, а половина мислат дека немаат реално влијание врз политичките процеси“, објаснува Борјаниќ.

Таа додава дека денешната генерација има поизразени вредности на партиципација, одржливост и еднаквост.

„Младите денес не се само против – тие сакаат да бидат дел од решението, дел од процесот, да се слушне нивниот глас во институциите“, нагласува Борјаниќ.

Против Вучиќ се борат со „вучиќизам“

Историчарот Миливој Бешлин смета дека денешните протести имаат малку заедничко со оние од пред 25 години. По една година демонстрации, според него, нема „историски мерлив успех“ како Петти октомври 2000 година.

„Не сме поблиску до мирно решение и политички расплет отколку пред една година – студентските барања не се исполнети, степенот на корупција е ист, а режимот излезе со најлоши кадровски и идејни решенија од 2012 година наваму“, вели Бешлин.

Тој додава дека протестите немаат доволно јасна идеја, стратегија, структура и организација што би можела да доведе до политички расплет на најголемата општествена и политичка криза во Србија во последните децении.

Бешлин предупредува и дека денешните студенти се жртви на националистичката реторика на Александар Вучиќ, која трае веќе 13 години. Според него, речиси се идентични концептите на т.н. „големо српство“ на Вучиќ и „интегралното српство“ на Мило Ломпар интелектуалец со десничарски сфаќања кој во јавноста важи за едно од лицата што ги претставува студентите.

„Има многу млади кои, борејќи се против Вучиќ, се подготвени да го бранат идеолошкиот концепт на вучиќизмот. За жал, основните идеолошки вредности на неговиот режим сè поретко се доведуваат во прашање, со неуверливи изговори дека не треба да му се даваат поводи за напади“, заклучува Бешлин.

Обединети во борбата

За Срѓан Миливојевиќ, кој во времето на Петти октомври 2000 година бил член на движењето „Отпор“, а денес е претседател на Демократската партија, најважниот аспект на денешните протести е следното:

„Млади луѓе од сите националности и вероисповеди се обединија во борбата за слобода, правда и победа на чесноста над изопачената и арогантна кражба која е целосно разоткриена. За слободата денес во Србија заедно се борат Бошњаци од Нови Пазар, Словаци од Бачки Петровац, Унгарци од Суботица, со своите врсници и колеги Срби од Шумадија и Драгачево“, вели Миливојевиќ за Дојче веле.

Она за што се борат студентите е „многу поголемо од еден автократ“, нагласува студентката Ања Деспотовиќ од почетокот на приказната: „Целата наша борба не ни почна од приказната за авторитарен режим или диктатор. (…) Ние пред сè се занимаваме со промената на вредностите во ова општество“.