Мијалков спроведен во суд за случајот „Титаник 2“

По неспроведувањето на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, на судско рочиште за „Титаник 2“ и јавните преписки меѓу затворската управа во Струга и Основниот кривичен суд Скопје, денеска тој беше спроведен на ново рочиште за овој судски процес.

Мијалков беше спроведен од струшкиот затвор бидејќи таму ја издржува тригодишната казна откако се спогоди со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во случајот „Империја“.

Случајот „Титаник 2“ се актуализираше во јавноста откако на рочиште закажано за 22 декември тој не беше спроведен од струшкиот затвор.

На ексдиректорот на УБК по вторпат му се суди во судскиот процес „Титаник 2“, кој се однесува на договарање за гласање во ДИК во врска со приговор на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година. Покрај Мијалков, обвинети се и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешните членови на ДИК – Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Повторната судска постапка следува откако Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда со која Мијалков доби 3 години затвор, Мендух Тачи 3 години и 2 месеци, а затворски казни добија и другите обвинети, поранешни членови на ДИК.

Сите се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања, освен Мијалков, кој се гони за примање награда за противзакинито влијание.

За ова дело во април 2023 година ќе настапи застарување. Судењето сега е во доказна постапка, останува да се испитаат уште неколку сведоци, меѓутоа и во случај да се донесе првостепена пресуда во Кривичен, прашање е колку Апелација ќе успее да донесе одлука по евентуалните жалби ако се земе предвид долготрајноста на постапките пред второстепениот суд.