Поранешниот директор на УБК – Сашо Мијалков излезе од изолација и утринава се појави во Основниот кривичен суд – Скопје на рочиште за случајот „Плацови на Водно“, каде што е еден од обвинетите.
„Кој е рецептот за милионите?” – го прашаа новинарите пред да влезе во судската зграда.
Кратко им одговори:
„Нема таков рецепт”.
Мијалков денеска првпат се појавува во судот откако на 29 декември излезе од притвор со гаранција од над 11 милиони евра.
Минатото рочиште, кое беше закажано за 14 јануари, се одложи бидејќи тој беше во изолација поради позитивен тест на ковид-19.
Во судот денеска дојдоа и другите обвинети, меѓу кои и Орце Камчев, кој исто така беше во притвор, но и тој излезе на почетокот на месецов со гаранција од речиси 11 милиони евра.