Руската инвазија врз Украина ја охрабри ЕУ да работи на прифаќањето нови членки, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој изрази надеж дека и Унијата и кандидатите ќе бидат подготвени за проширување до 2030 година.
-Поради војната што Русија ја започна против Украина, има нов поттик, оживување на стратегијата за проширување (ЕУ). Тоа е предизвик. Но, која е алтернативата? Алтернативата би била неодговорна грешка на ЕУ, рече Мишел, пренесе Бета.
Британските медиуми пренесуваат дека Мишел ги повика балканските земји, Украина, Грузија и Молдавија да ги спроведат неопходните реформи за влез во Унијата до 2030 година.
Претседателот на Европскиот совет говореше во пресрет на 20-годишнината од големото проширување, кога во Унијата беа примени 10 земји и во оваа прилика посочи дека БДП-то на земјите што пристапија во 2004 година се зголеми од половина од Европскиот просек, па во моментов е околу 80 отсто.
-Дваесет години подоцна, ние се соочуваме со сличен предизвик бидејќи постои овој геополитички хаос, вклучувајќи ја и руската војна против Украина. И соочувањето со овој хаос е геополитичка стратегија за повторно обединување, нагласи Мишел.
Украина е убедливо најголемата потенцијална членка, со околу 40 милиони луѓе и голем земјоделски сектор.
Британските медиуми пренесуваат дека некои западни лидери станаа скептични за источната експанзија на ЕУ по повеќегодишните внатрешни судири меѓу либерално-демократските вредности на Унијата и националистичките влади на земји како Полска и Унгарија.
Богатите членки се претпазливи кога е во прашање приклучувањето на големите и посиромашни нации, како Украина, поради страв од губење на ресурсите на ЕУ, но Мишел тврди дека проширувањето ќе го зајакне меѓународното влијание на Европа.
-ЕУ е една од трите големи светски сили, заедно со Кина и САД. Идејата за проширување постои не само поради зголемувањето, туку и поради влијанието, кажа тој.
Мишел додаде дека на Украина ќе и треба транзициски период за да заздрави од војната, додека ЕУ мора да биде внимателна кога станува збор за целосно отворање кон Киев.