
Мицотакис ќе се сретне со земјоделците во понеделник под услов патиштата да останат отворени
Постои начелен договор за средба на земјоделците со премиерот в понеделник во 13 часот, под услов сите патишта да останат отворени, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Постои начелен договор за средба на земјоделците со премиерот в понеделник во 13 часот, под услов сите патишта да останат отворени, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Мнозинството од грчките земјоделци, кои протестираат од 30 ноември, во вторникот одбија да се сретнат со Мицотакис, бидејќи, како што рекоа тогаш, не беа исполнети нивните предуслови за средба, но по вчерашниот состанок одговорија позитивно на поканата за дијалог.
Земјоделците од сите 62 блока низ цела Грција вчера одржаа состанок и одлучија нивна делегација од 25+5 лица, претставници на земјоделците, сточарите, рибарите и пчеларите да се сретнат со грчкиот премиер на датум што ќе биде одреден од Владата.
Владиниот портпарол денеска уште еднаш посочи дека главен предуслов за средбата в понеделник е патиштата низ цела Грција да останат отворени, но и на состанокот да не учествуваат земјоделци кои покажале деликвентно однесување.
– Мислам дека предусловите не се страшни, туку се подразбираат. Целта не е некој да излезе како победник од ова, она што има вредност е луѓето да добијат нешто повеќе за нивниот сектор, во конкретниот случај, земјоделците и сточарите. Ние се стремиме кон средби и како што гледате покажуваме добри намери, под предуслов да се почитуваат условите, особено условот да останат отворени патиштата за да се реализира следната средба, посочи Маринакис.
Според најавите, се очекува сè до средбата в понеделник да нема затворање на автопатиштата и граничните премини, а тракторите, како и досега да останат паркирани на блокадите.
Грчкиот премиер во вторникот се сретна со претставници на околу 18 земјоделски блокови од целата земја, односно со оние кои уште од минатиот месец се одвоија од останатите земјоделци и побараа дијалог со владата.