Мицотакис сам ќе владее со Грција, така одлучија граѓаните на избори

Кирјакос Мицотакис убедливо го победи ривалот Сириза на вчерашните избори во Грција, втори за период од еден месец и кажа дека доби силен мандат за побрзо спроведување на реформите.

Нова демократија освои 40,5% гласови, речиси 23% повеќе од Сириза на екс премиерот Ципрас.

Мицотакис ја победи Сириза и во мај, но веднаш потоа распиша нови избори со цел да обезбеди чисто мнозинство. Тоа беше овозможено од новиот изборен закон, кој на победничката партија ѝ обезбедува уште 25-50 пратенички места.

„Нова демократија моментално е најсилната партија на десен центар во Европа“, рече Мицотакис.

Тој е заслужен за враќањето на стабилноста и растот на грчката економија по сериозна должничка криза и три меѓународни спасувачки пакети. Иако многумина Грци се мачат со растечките животни трошоци, гласачите ѝ дадоа поддршка на партијата која вети пониски даноци и подобрување на јавното здравство и образованието.

Освојувајќи повеќе од 40% гласови, Нова демократија ќе добие дополнителни 50 пратенички места, со што ќе може да владее без коалиција.

„Не ветувам чуда, но Нова демократија има високи цели да ја трансформира Грција“, кажа Мицотакис.