„Се надевам дека оние работи што се слушнаа предизборно, нема постизборно да бидат официјална позиција на новата Влада на Северна Македонија, бидејќи ако се случи ова, ќе имаме проблеми“.
Ова го изјави премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис во интервју за грчката телевизија Алфа.
Мицотакис објасни дека и тој како опозиција не се согласуваше со Договорот од Преспа, но сега мора да го почитува во рамките на континуитетот на државата и потенцираше дека истото ќе треба да го стори и новата Влада.
Посочи дека „со загриженост“ ги следи изјавите на функционерите на ВМРО, но и дека „со голем интерес“ го чека официјалниот став на новиот премиер за да види „на кој начин ќе се осврне на името на неговата земја“.
– Сакам да бидам јасен. Јас лично не се согласував со Договорот од Преспа, а особено со одредниците „македонска нација“ и „македонски јазик“. Но, го прифатив Договорот во рамките на континуитетот на државата и препознав дека, и покрај моето несогласување со Договорот, морам да го почитувам. Истите барања постојат и сега од новото раководство на Северна Македонија. Да бидеме трпеливи. Сакам да се надевам дека оние работи што се слушнаа предизборно, нема да бидат официјална позиција на новата Влада постизборно, бидејќи ако се случи ова ќе имаме проблеми – рече Мицотакис.