Мицотакис – Зеленски: Ништо не може да се реши за Украина без Украина

Ставот дека „ништо не може да се реши за Украина без Украина“ го повторил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој од своја страна се заблагодарил за континуираната поддршка од Грција.

Ставот дека „ништо не може да се реши за Украина без Украина“ го повторил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој од своја страна се заблагодарил за континуираната поддршка од Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, Мицотакис и Зеленски разговарале и за последните случувања.

– Премиерот повтори дека на Украина е да одлучи за мировната рамка прифатлива за неа и дека ништо не може да се реши за Украина без Украина. Премиерот исто така го информираше Зеленски дека ќе учествува во понеделник на 24 февруари, на видео-конференцијата на лидерите организирана од Киев по повод три години од руската инвазија на Украина, информираа од кабинетот на Мицотакис.

Украинскиот претседател на платформата Икс напиша дека за време на телефонскиот разговор му се заблагодарил на грчкиот премиер за „непоколебливата поддршка на Грција за Украина од почетокот на целосната инвазија на Русија“.

– Ние длабоко ја цениме солидарноста на грчкиот народ, цврстиот став на Грција во осудата на агресијата и нејзината посветеност на принципот: „Ништо за Украина без Украина, ништо за Европа без Европа“. Европа мора да биде на преговарачката маса за да се постигне праведен мир, напиша Зеленски.

Дополнително, додаде дека разговарале за зајакнувањето на соработката меѓу двете земји, за заеднички европски проекти, за безбедносни гаранции и зајакнување на одбранбените капацитети и посочи дека смета на заедничката работа со Грција „на важни иницијативи за време на непостојаното членство на Грција во Советот за безбедност на ОН“.