Мицотакис за Украина: Грција е на ваша страна, заедно може да ја запреме војната!

„Грција е на ваша страна, заедно може да ја запреме оваа војна“ – порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во пораката на меѓународниот телемаратон за поддршка на Украина.

ТВ маратонот „Save Ukraine #StopWar” се пренесуваше во 20 земји, а во Атина се следеше на видеобим поставен пред општинската зграда во центарот на градот.

„Ви говорам од Атина, Грција родното место на демократијата. Јас сум еден глас меѓу милионите гласови. Обединети гласови за Украина. Гласови обединети против оваа војна“ – рече Мицотакис на почетокот од пораката.

Тој додаде дека за Грците, „страдањето на Украинците е длабоко лично“ и се осврна на Мариупол, каде што живее грчката заедница што брои 150.000 лица.

Истакна дека за Грција, поддршката e „прашање на неопходност, прашање на принцип“ и затоа ќе продолжи да испраќа хуманитарна помош за Украина, да прима бегалци, а потенцираше дека веќе се пристигнати 15.000, од кои 5.000 се деца, но и повтори дека ќе помогнат во обновата на Украина, почнувајќи од породилиштето Мариупол.