Мицотакис до Мицкоски: Јавно да каже дека името на неговата земја е Северна Македонија!

Мицкоски јасно да каже дека името на неговата земја е Северна Македонија, за внатрешна и надворешна употреба.

Ова го очекува премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, кој уште еднаш испрати порака до новата македонска влада. Вели дека прашањето ќе го покрене и на претстојниот НАТО Самит во Вашингтон, но сепак се надева дека во Скопје ќе преовлада логиката.

„Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба“, рече Мицотакис.

Мицотакис воедно додава дека Грција во ова не е сама, бидејќи слични пораки до новата власт упатиле Европа и САД, за целосно почитување на договорот од Преспа и користење на придавката „Северна“.

Но, пред неколку дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, мандатар и нов премиер, одговарајќи на силните реакции од грчката страна за неупотребата на придавката „Северна“ изјави дека негово лично право е како ќе ја нарекува неговата држава додека дава изјави пред новинари или има јавни настапи.

„Преспанскиот договор тука, е дел од македонските институции, дел од македонскиот устав и закони, многу пати сме кажале дека тоа е реалност. Комуникацијата внатре во институциите и самите институции остануваат согласно законите и уставот, но мое човеково право е како јас мојата држава ќе ја нарекувам. И додека давам изјави, додека се обраќам пред вас новинарите, и јас, а очекувам тоа да биде начин на однесување на претседателот Силјановска, да се користат термините Македонија и придавката македонски, бидејќи на тој начин според нашето толкување на Преспанскиот договор нема кршење на истиот“, изјави Мицкоски.