„Вие ја држите високо оваа партија и ми давате сила, со уште поголем ентузијазам, да ја продолжам нашата борба за обнова на земјата. И вие ќе ставите потпис на уште една изборна победа на изборите што ќе се одржат за 12 месеци од сега“.
Ова е пораката на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис до членовите на Нова демократија на партискиот Конгрес, со што уште еднаш ги отфрли сценаријата за предвремени парламентарни избори во Грција.
Во говорот на крајот од Конгресот на Нова демократија, Мицотакис истакна дека Грција геополитички е зајакната во последните три години, а земјата „денес е посилна на сите нивоа, посилна економски, посилна геополитички, посилна во Европа“.
За надворешната политика тој посочи дека Грција е мост меѓу три континенти, фактор во енергетиката и протагонист на патот на Европа за стратешка автономија.
Потенцираше дека национална цел е во текот на летото земјата да излезе од последната фаза на засилен надзор за „конечно да се затвори трауматичното поглавје отворено пред една деценија“.