Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во понеделникот (24 јули) рече дека неговата земја е „во војна“ со шумските пожари кои беснеат повеќе од седум дена и принудија десетици илјади луѓе да се евакуираат.
Ситуацијата во која се најде Грција е предизвикана од климатските промени, рече Мицотакис за време на парламентарната дебата емитувана на државното радио.
Тој им се заблагодари на сите кои во изминатите денови им помогнаа на пожарникарите низ земјата да ги изгаснат пожарите.
Рече дека фактот што нема жртви во пожарите во неколку региони е благодарение на пожарникарите, цивилната заштита, крајбрежната стража и волонтерите. Предупреди дека и следните денови ќе бидат опасни.
Најголем дел од пожарите избувнаа во саботата на 22 јули на популарниот туристички остров Родос.
Од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија информираат дека заклучно со денешниот ден, тројца државјани ја контактирале нашата Амбасада во Атина. Истите се наоѓаат на безбедно место, на грчкиот остров Родос, информираа од Министерството.
Од МНР потенцираат дека Дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во Грција, продолжуваат да бидат во постојана комуникација со надлежните институции на Грција.
Упатуваат апел да се избегнува туристичко или какво било друго патување во загрозените подрачја.