Геополитичката ситуација и безбедносната состојба во Европа го прават императив проширувањето на Европската Унија, посочил грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на третиот Самит Украина-Југоисточна Европа, во Дубровник, како што информираа од неговиот кабинет и ги повикал земјите кандидати да ги почитуваат фундаменталните европски вредности и да ги спроведат потребните реформи за нивна интегративна перспектива, јави дописничката на МИА од Атина.
На Самитот чиј домаќин е хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, учествуваше и претседателот на Украина, Володомир Зеленски, како и претставници од 12 држави од регионот, а македонската делегација ја предводи премиерот Христијан Мицкоски.
Првиот ваков Самит беше организиран во август 2023 година во Атина, на што се осврнал грчкиот премиер во неговото излагање и ја истакнал важноста да се продолжи иницијативата преземена од Грција.
Нагласил дека, како што тогаш беше подвлечено со Заедничката декларација од Атина, усвоена од лидерите, Западен Балкан, Украина и Молдавија имаат заедничка европска историја и заедничка европска иднина и истакнал дека е важен фактот што земјите кандидати и земјите-членки и покрај нивните разлики, седат на маса и разменуваат мислења.
Во однос на Украина, потенцирал дека војната го засега целиот свет, се осврнал на Мировната конференција што во јуни се одржа во Швајцарија и посочил дека била потврдена широката поддршка за праведен мир, а паралелно ја изразил подготвеноста на Грција да ја поддржи Украина во нејзините следни чекори.
На маргините на Самитот, грчкиот премиер остварил билатерална средба со украинскиот претседател.